Сезонските летови од Скопје до Анкара и до Дијарбакир ќе се одвиваат еднаш неделно, додека летовите на Ajet до аеродромот Чукурова два пати неделно, а до сите три дестинации ќе се лета од први јуни до крајот на септември година.
„Директното поврзување на Меѓународниот аеродром Скопје со трите нови дестинации во Турција е од голема важност од повеќе аспекти, затоа што секоја област носи свои бенефити. Спојот на двата главни града, Скопје и Анкара, ќе придонесе за зголемена трговска размена, брза бизнис логистика меѓу Македонија и Турција, лесен пристап до турскиот пазар, бизнис-мобилност, туристичка и културна размена, образовна и академска соработка, поврзување на заедниците, а ќе придонесе и за дополнително унапредување на политичките и дипломатските односи”, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Воспоставувањето на авиоконекцијата на Скопје со Чукурова и Дијарбакир пак, ќе донесат значајни стратешки, економски, туристички и културни бенефити за земјава, велат од ТАВ Македонија.
Чукурова е голема плодна област која ги опфаќа Адана, индустриски и аграрен центар и Мерсин, туристички потенцијал, дестинација на турската медитеранска ревиера. Она што е исто така значајно е што во Македонија постои голема популација со потекло од овие две области, со што авиоповрзувањето ќе ја олесни комуникацијата и одржувањето на семејните врски.
Со новите три дестинации, авиокомпанијата АJet од Меѓународниот аеродром Скопје ќе има вкупно 4 дестинации, вклучувајќи ја и веќе постоечката линија до Истанбул, до аеродромот Сабиха Гокчен.
Во тековната летна сезона 2025, вкупно четири авиокомпании летаат меѓу Турција и Македонија, до вкупно 6 града и 7 аеродроми во Турција. Од Меѓународниот аеродром Скопје и од Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид Turkish Airlines лета до Истанбул (IGA аеродром); Pegasus Airlines лета од скопскиот аеродром до Истанбул (аеродром Сабиха Гокчен), Измир и Анталија, Ајет исто така лета од Скопје до Истанбул (аеродром Сабиха Гокчен), додека Sun Express лета од Скопје до Анталија и Измир.