вторник, 7 јули 2026

Од ФФМ до државните тендери, ТИ-М го објави барометарот за корупција за јуни

Транспаренси Интернешнл – Македонија (ТИ-М) во најновото издание на „Бистро-матно“ за јуни нотира низа случаи поврзани со сомнежи за злоупотреби, проневера, поткуп и слабости во системите за контрола. Во фокусот се истрагите за поранешни функционери, јавните набавки, ревизорските наоди и институционалните пропусти.

Објавено на

часот

Сподели

Транспаренси Интернешнл – Македонија во јунското издание на својот мониторинг „Бистро-Матно“ издвојува низа случаи кои отвораат прашања за управувањето со јавните средства, транспарентноста на институциите и ефикасноста на механизмите за спречување на корупцијата.

Меѓу најзначајните матни случаи за јуни е истрагата поврзана со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори постапка против 18 физички и осум правни лица поради сомнежи за проневера во службата во износ од над 180 милиони денари, односно околу три милиони евра.

Во предметот се опфатени и поранешните претседатели на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и Мухамед Сејдини, како и поранешна сметководителка во федерацијата. Според сомнежите на обвинителството, станува збор за дејствија извршени во периодот од 2015 до 2019 година, поврзани со потпишување и реализација на голем број платни налози.

Правните лица опфатени во истрагата се сомничат и за помагање, како и за перење пари и други приноси од казниво дело.

Во јунскиот пресек на Транспаренси Интернешнл е издвоен и случајот поврзан со Управата за царина. Финансиската полиција поднела кривична пријава против поранешниот директор на Царинската управа Стефан Богоев и уште неколку лица поради сомнежи за злоупотреба на постапка за јавна набавка, примање и давање поткуп и други кривични дела.

Сомнежите се однесуваат на тендер за услуги за хигиена на граничните премини, како и на наводен поткуп во износ од 1.800 евра.

Случајот повторно го отвора прашањето за контролата на јавните набавки и ризиците од фаворизирање при доделување договори со јавни средства.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) во повеќе институции утврдил слабости кои, според Транспаренси Интернешнл – Македонија, претставуваат ризици за транспарентното и законито работење.

Во системот за остварување и исплата на правата од социјална заштита, ревизорите констатирале неусогласености во регулативата и проблеми во размената на податоци меѓу институциите. Според наодите, ваквите слабости можат да доведат до нееднаква примена на правилата и намалена правна сигурност за граѓаните.

Дополнителни забелешки се упатени и за работењето на Институтот за јавно здравје, каде ревизорите утврдиле проблеми со наплата на побарувања, евиденција на медицински материјали и неискористена опрема.

Ревизорските наоди во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ отворија прашања за финансиското и организациското работење на институцијата.

Според ревизорите, надоместоците за членовите на управните тела се исплаќале месечно и во целост, наместо според реалното присуство на седници. Дополнително, било утврдено доцнење во реализацијата на дел од обуките за идните судии и обвинители, што предизвикало дополнителни трошоци.

Во делот на судските процеси, Транспаренси Интернешнл го издвојува и случајот „Изгрев“, кој по речиси две децении судски постапки се приближува кон правосилна ослободителна пресуда за обвинетите.

Случајот, кој започна пред 18 години, низ годините помина низ повеќе судски и обвинителски фази, отворајќи го прашањето за последиците од долгите судски постапки и влијанието што тие го имаат врз правната сигурност на граѓаните.

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во своето истражување за јавните набавки издвоил неколку случаи со потенцијални ризици за незаконско или нетранспарентно трошење на јавни средства.

Меѓу нив е набавката на лични документи, за која се наведува дека граѓаните во период од пет години платиле околу 73 милиони евра врз основа на долгогодишни договори означени како доверливи.

Анализирани се и набавките поврзани со евакуациски летови од Блискиот Исток, како и проектот за училишен базен во Општина Чаир, каде се посочуваат проблеми во реализацијата.

Во делот на позитивните примери, Транспаренси Интернешнл го издвојува потегот на Министерството за животна средина, кое по реакции од јавноста најави повторно објавување на инспекциските контроли кај загадувачите.

Како позитивен пример е наведена и постапката против поранешен градоначалник на Свети Николе поради сомнежи за злоупотреба на службената положба, како и кривичната пријава против полициски службеник осомничен за примање поткуп.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ