среда, 20 мај 2026

Обвинителството потврди, истражува дали, кој и што шпионирал во кабинетот на претседателката

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска потврди дека уште во декември 2025 година добило известување од Министерството за внатрешни работи (МВР) за настан што се случил на 24 ноември 2025 година за постоење индиции дека во кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова „биле преземени недозволени активности од висок државен интерес“. Како што информираа од ОЈО ГОКК, обвинителството истиот ден отворило предистражна постапка и веднаш ги презело сите неопходни мерки и активности согласно своите законски надлежности.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираа од ОЈО ГОКК, во рамки на постапката, до Основниот кривичен суд било доставено Барање за издавање наредба за пребарување на компјутерскиот систем во кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова, „со цел утврдување на содржините што евентуално биле неовластено преснимени од информативниот систем во кабинетот на претседателката. Истовремено, биле издадени и наредби за екстракција на податоци од персонални и лаптоп компјутери доставени до МВР од Кабинетот на Претседателката.

Дополнително, до Кабинетот на претседателката било упатено барање за доставување копии од видео записите од безбедносните камери поврзани со пријавениот настан, за периодот во кој истиот се случил. На 30 декември 2025 година, до МВР – Сектор за компјутерски криминал, како надлежен орган за откривање кривични дела и обезбедување докази, била доставена наредба за анализа на екстрахираниот доказен материјал.

„На почетокот на 2026 година, по добиено известување дека Кабинетот на Претседателката не располага со копии од видео надзорот, бидејќи опремата е набавена преку владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), а надлежноста за ракување и чување на записите е кај МВР, предметниот јавен обвинител се обрати и до СОЗР и до МВР за нивно итно обезбедување. Од СОЗР беше добиено известување дека институцијата не располага со видео записи, туку дека нивната надлежност се однесува исклучиво на набавка на опремата, додека чувањето и располагањето со копиите од записите е во надлежност на МВР. И покрај тоа, од страна на МВР до денес не се доставени повратни информации, ниту известување за преземени дејствија во врска со обезбедувањето на копиите од видео надзорот“, велат од ОЈО ГОКК.

Како што дополнуваат од Обвинителството, на 16 март годинава, МВР доставило известување за дел од преземените активности кои се однесуваат на обезбедување пристап до криптираните податоци од дотогаш екстрахираната компјутерска опрема. Воедно, до ОЈО ГОКК биле доставени и два мобилни телефони одземени од пријавениот, со барање за нивна екстракција во Истражниот центар на ОЈО ГОКК, по што веднаш беше издадена соодветна наредба за постапување.

„Потоа, на 25 март 2026 година, имајќи ја предвид сериозноста и чувствителноста на предметот, јавниот обвинител до МВР – Сектор за компјутерски криминал достави наредба за анализа на податоците од мобилните телефони, како и заедничка анализа на податоците екстрахирани од компјутерската опрема обработена во Истражниот центар на ОЈО ГОКК. Дополнително, беше побарана и анализа на постапувањето по судската наредба за увид и пребарување во информативниот систем на Кабинетот на претседателката, со задолжение до обвинителството да биде доставено известување за прибраните докази. До денес, и покрај сериозноста на предметот, чувствителноста на околностите и значењето на навременото постапување, ОЈО ГОКК нема добиено известување од МВР за резултатите од преземените дејствија, ниту за прибраните докази“, тврдат од ОЈО ГОКК.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ