Како што е наведено во соопштението од Обвинителството, семејствата на настраданите треба да назначат најмногу по еден член од семејството кој би присуствувале на средбата.
„Во текот на утрешниот најавен протест на семејствата на жртвите во пожарот во кочанската дискотека Пулс, Јавното обвинителство поканува на средба претставници на семејствата кои би сакале подетално да се запознаат со сите аспекти на истражната постапка. Доколку кај блиските на жртвите постои таков интерес, тие можат да определат свои претставници (најмногу по еден член од семејство на секоја од жртвите) кои ќе остварат средба со јавниот обвинител на Република Македонија и обвинителите кои постапуваат во предметите“, се наведува во информацијата од Обвинителството.
Семејствата на настраданите во пожарот во Кочани за утре најавија протест во Скопје. Тие се збунети од текот на истрагата, што некои осомничени се приведени, па ослободени.
Во контекст на истрагата и притворите, Апелацискиот суд во Штип утре ќе ги објави одлуките по жалбите на осомничените за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Оттаму велат дека постапуваат по 17 жалби за изречени мерки „притвор“, „куќен притвор“ и мерки на претпазливост поднесени од лица опфатени со истрагата за пожарот. Три жалби се пристигнати во петокот, а денес 14 жалби.
„Штипска апелација утре ќе ги објави одлуките за притворските предмети за Кочани. Многу жалби има, а само тројца судии се за такви предмети“, велат од Апелацискиот суд во Штип.