Како што вели авторката Биљана Стојановска која работеше заедно со наставничките Билјана Лазареска и Нела Слезенкова-Никовска, креирањето на материјалот за учење за четврто одделение по предметот природни науки, претставувал предизвик од една страна и голема одговорност од друга страна, бидејќи концептот за негова изработка е многу поинаков од досегашниот.
Со ова практично започнува спроведувањето на новата Концепција која во следните 5-6 години треба целосно да се спроведе во деветолетката.
„При подготовка на материјалите бевме водени од целта за развивање на критичко размислување, креативност и проактивност кај учениците. Токму затоа тој изобилува со забавни содржини, експерименти, истражувања и интересни илустрации.
Преку користење на овој учебник учениците ќе ги развијат своите вештини за креативно изразување, критичко размислување, комуникација и соработка, што се, всушност дел од Националните стандарди”, вели Стојановска.
Според неа, целта на новата Концепција е висококвалитетно, инклузивно и достапно дигитално образование.
„Успеавме да создадеме квалитетен учебник збогатен со дигитални содржини во форма на интерактивни слики, видеа, квизови, игри и анимации. Преку нив учениците поразбирливо и позабавно ќе ги надополнат своите сознанија за природата и светот околу себе, природните богатства и нивното значење и зачувување”, изјави Стојановска.
Дигиталните материјали за учење се уште една алатка повеќе со помош на која учениците успешно ќе го совладуваат материјалот. За вклученост на сите ученици во квалитетно и современо образование МОН набави 10.000 таблети, од кои 3.000 се веќе дистрибуирани до училиштата, а се наменети за ученици од четврто одделение кои се од социјално ранливи семејства.






