вторник, 12 мај 2026

Нема перење пари, нема штета за ЕСМ, ОЈО ГОКК не најде докази против Јахоски, Капушевски, Ковачевски…за злоупотреби со увозот на мазут

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја запре едногодишната истрага за случајот со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино во време на криза затоа што не може да ризикува да оди на суд со предмет во кој ќе нема осудителна пресуда затоа што не најдовме конкретни докази дека 14 осомничени (13 физички лица и една фирма) ги сториле кривичните дела за кои беа осомничени, злоупотреба при јавни набавки и перење пари, кажа денеска на средба со новинарите надлежната обвинителка Катерина Коларевиќ. Со истрагата беа опфатени 13 физички лица и една фирма (РКМ). ЕСМ најави дека ќе се жали на одлуката на обвинителството.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Како што образложи обвинителката Коларевиќ, од прибраните и анализирани докази, ОЈО ГОКК оценило дека набавките биле спроведувани во услови на прогласена енергетска криза и согласно законските исклучоци од Законот за јавни набавки, со цел да се обезбеди непречено производство на електрична енергија. Исто така било утврдено дека во периодот опфатен со истрагата немало рестрикции во снабдувањето со струја и дека не била предизвикана штета ниту на Електрани на Македонија (ЕСМ), ниту на буџетот на државата.

„Иако во пријавата беше наведено дека осомничените од фирмата РКМ (фирмата која го увезвуаше мазутот), давале невистините податоци за динамиката на испорака на потребниот мазут за ТЕЦ Неготино, сепак во истрагата беше утврдено дека мазутот бил навремено и континуирано испорачуван. Испитавме и дали е предизвикана штета по буџетот на државата, но вработените во ЕСМ кои што беа испитани кажаа дека, не само што немало никаква штета, туку компанијата имала корист затоа што во преиод на енергетска криза немало рестрикции на струја особено кај домаќинставата. Измените на годишниот план за јавни набавки и склучувањето на анексите се спроведени со одлуки на надлежните органи на ЕСМ, со одлуки на управниот одбор, а потврдени со одлуки на надзорниот одбор на ЕСМ, со цел обезбедување доволни количини мазут за непречено функционирање на ТЕЦ Неготино“, објасни Коларевиќ.

Таа дополни дека не се потврдиле ниту наводите на Државната комисија за борба против корупцијата (ДКСК) дека цистерните на фирмата РКМ која го доби тендерот за увоз на мазутот, некои денови намерно чекала пред капијата и не влегувала во ТЕЦ Неготино чекајќи мазутот да поскапи.

„Цената на мазутот не може да се менува затоа што Регулаторната комисија  ја определува цената на дневно ниво и таа важи само за тековниот ден“, рече Коларевиќ.

Во однос на сомнежите дека било сторено кривично дело перење пари, а кое беа осомничени сопствениците на РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и сопственикот на фирмата Пуцко петрол, Асмир Јахоски, обвинителството утврдило дека исплатените пари не биле стекнати незаконски. Како што беше образложено, иако фирмата Пуцко петрол немала лиценца за работа со мазут, сепак таа ѝ дала позајмица во пари на фирмата РКМ, а сопственикот на Пуцко петрол бил тој што преговарал со грчката фирма Хеленик петролеум за условите за увоз на мазутот.

„Парите од ЕСМ биле префрлани на сметката на РКМ. Дел од нив биле вадени во готово. Веројатно имало денови кога сопственикот на РКМ, Ратко Капушевски престојувал во Србија или Грција бидејќи и таму има свои фирми. Од проверката во Србија не добивме ништо конкретно, а од Грција не добивме никаков одговор. Што се однесува до Асмир Јахоски сопственикот на Пуцко петрол утврдивме дека нему му биле исплатени 72 милиони денари (околи 1,2 милиони евра), но тој достави договори од 2021 година и еден анекс на договор од 2022 година за посредување при узовот на мазутот. Исплатените средства не претставуваат противправно стекната имотна корист, а финансиските трансакции не може да се третираат како перење пари или прикривање незаконски стекнати средства“, кажа Коларевиќ.

Со ваквата одлука на ОЈО ГОКК 13 осомничени меѓу кои и бизнисмените Асмир Јахоски, сопственик на Пуцко петрол, и Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, сопственици на РКМ, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство и повеќе поранешни функционери и службени лица од енергетскиот сектор се слободни луѓе. Јахоски во текот на постапката беше во притвор, а подоцна се бранеше од слобода со гаранција над два милиони евра, а Капушевски се бранеше од слобода. И двајцата имаат право да ја тужат државата за незаконско држење во притвор.

Во меѓувреме ЕСМ најави дека ќе се жали на одлуката на ОЈО ГОКК.

„АД ЕСМ сè уште не го добило решението од Вишото јавно обвинителство во врска со осомничените за тежок криминал, набавка на мазут за ТЕЦ Неготино. Сепак, следејќи ги информациите објавени во медиумите, правниот тим на ЕСМ веќе ги презема сите подготвителни активности, да поднесе соодветна жалба, веднаш по официјалното примање на решението. Ќе ги искористиме сите правни механизми кои ни стојат на располагање за заштита на интересите на компанијата“, соопштија од компанијата.

Со истрагата беа опфатени 13 осомничени физички лица и една фирма (РКМ) за сомнителни набавки и дистрибуција на мазут за потребите на државните електрани, во периодот на енергетската криза во Македонија. Меѓу нив, поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство, потоа сопствениците на фирмата РКМ – Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, Асмир Јахоски, сопственик на бензинските пумпи Пуцко петрол, еден поранешен директор на ЕСМ, поранешна директорка за финансии во ЕСМ, секторска директорка и други службени лица поврзани со набавките за мазутот.

Полицијата тогаш соопшти дека се приведени 11 лица, еден е недостапен, а друг веќе беше во притвор. Сите беа осомничени за перење пари и злоупотреба при јавни набавки.

Како што соопшти тогаш МВР, сомнежите за сторен криминал со набавки на мазут, штетни горива за здравјето на граѓаните, со недозволено ниво на сулфур. Истрагата се однесуваше на прибирање докази за тоа како се доделувале и кој ги добивал тендерите за набавка на мазут распишани од страна на ЕСМ, односно дали биле менувани тендерските услови со цел да се фаворизира фирмата РКМ во сопственост на осомничениот Капушевски. Исто така, истрагата испитуваше како се менувала сопственост на фирмата на Капушевски, кога сопственик на фирмата РКМ станал Ерџан Сулкоски, поранешен вработен во Пуцко Петрол, кој исто така беше опфатен со пријавата на МВР.

Од Републичкото јавно обвинителство за МКД.мк велат дека за одлуката, државниот  јавен обвинител, Ненад Савески е информиран откако е донесена, а предметот не е рефериран во Републичкото обвинителство.

Обвинителката Коларевиќ појасни дека во овој случај немала никакви дилеми за кои ѝ требало евентуална консултација при донесувањето на одлуката.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ