Како што појаснуваат од ОЈО ГОКК, предмет на истрагата беше постоење на основано сомнение дека во постапките за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, спроведени во услови на енергетска криза, биле сторени злоупотреби при јавните повици, незаконито склучување договори и анекси, како и перење пари и други приноси од казниво дело.
„Во текот на постапката е анализирана обемна материјална документација, финансиски и договорни документи, вешт наод и мислење, како и искази од повеќе сведоци, претставници на АД ЕСМ, ТЕЦ Неготино, како и претставници на економските оператори кои во критичниот период имале лиценца за трговија со течни горива-мазут. Од доказите произлезе дека предметните постапки за набавка на мазут се спроведувани во услови на прогласена енергетска криза од страна на Владата и согласно законските исклучоци предвидени во член 23 од Законот за јавни набавки, со цел обезбедување непречено производство на електрична енергија“, велат од ОЈО ГОКК.
Оттаму дополнуваат дека истрагата утврдила дека постапките биле спроведувани транспарентно.
„ЕСМ имало за цел да ги вклучи сите оператори што имале лиценци за трговија со мазут во интерес на побрзо испорачување на мазутот, при што биле контактирани сите економски оператори кои поседувале лиценца и тоа во дел од јавните повици со известување биле повикани да учествуваат, а во дел јавните повици биле објавени и во дневни весници. Од исказите на претставници на економски оператори произлезе дека дел од компаниите не учествувале во постапките поради деловни и економски проценки, односно поради високите количини, потребните банкарски гаранции и ризиците поврзани со тогашната состојба на енергетските пазари. Во однос на динамиката на испорака на мазутот, од прибраните докази, документацијата и исказите на претставници на АД ЕСМ и ТЕЦ Неготино произлезе дека мазутот бил континуирано и навремено испорачуван согласно потребите на термоелектраната, при што во ниту еден момент не бил доведен во прашање процесот на производство на електрична енергија. Согласно доказите, во критичниот период не постоеле рестрикции во снабдувањето со електрична енергија, а производството во ТЕЦ Неготино овозможило обезбедување електрична енергија по значително пониски цени од цените на слободниот пазар“, велат од ОЈО ГОКК.
Дополнително, се наведува во соопштението, во постапката не е утврдено ниту дека со склучените договори и анекси била предизвикана штета на АД ЕСМ или на Буџетот на државата.
„Напротив, од доказите произлезе дека измените на годишниот план за јавни набавки и склучувањето на анексите се спроведени со одлуки на надлежните органи на АД ЕСМ, со одлуки на Управен одбор, а потврдени со одлуки на Надзорниот одбор на ЕСМ, со цел обезбедување доволни количини мазут за непречено функционирање на ТЕЦ Неготино. Во однос на сомневањата за перење пари, истрагата утврди дека средствата исплатени по основ на реализираните договори не претставуваат противправно стекната имотна корист, односно не се приноси од кривично дело. Оттука, финансиските трансакции, исплатите, купувањето имот и префрлањето средства меѓу сметки не можат да се сметаат за дејствија на перење пари или прикривање незаконски стекнати средства. Со оглед дека од сите прибрани докази не произлегува основано сомнение дека осомничените сториле кривични дела кои се гонат по службена должност, донесена е наредба за запирање на истражната постапка“, велат од ОЈО ГОКК.
Против ваквата одлука на обвинителството оштетеното правно лице има право на приговор до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок осум дена од денот на приемот на наредбата за запирање на истражната постапка.
Со истрагата беа опфатени 13 осомничени за сомнителни набавки и дистрибуција на мазут за потребите на државните електрани, во периодот на енергетската криза во Македонија. Меѓу нив, поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство, потоа сопствениците на фирмата „РКМ“ – Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, Асмир Јахоски, сопственик на бензинските пумпи „Пуцко Петрол”, еден поранешен директор на ЕСМ, поранешна директорка за финансии во ЕСМ, секторска директорка и други службени лица поврзани со набавките за мазутот.
Полицијата тогаш дека соопшти дека се приведени 11 лица, еден е недостапен, а друг веќе беше во притвор. Сите беа осомничени се перење на пари и злоупотреба на службената должност.
Како што соопшти тогаш МВР, сомнежите за сторен криминал со набавки на мазут, штетни горива за здравјето на граѓаните, со недозволено ниво на сулфур. Истрагата се однесуваше на прибирање докази за тоа како се доделувале и кој ги добивал тендерите за набавка на мазут распишани од страна на ЕСМ, односно дали биле менувани тендерските услови со цел да се фаворизира фирмата “РКМ“ во сопственост на осомничениот Капушевски. Исто така, истрагата испиштуваше како се менувала сопственост на фирмата на Капушевски, кога сопственик на фирмата „РКМ“ станал Ерџан Сулкоски, поранешен вработен во „Пуцко Петрол“, кој исто така беше опфатен со пријавата на МВР.
Полициската пријава содржеше сомнежи за тоа, како преку фиктивните договори за позајмици и посреднички услуги за испорака на мазут со низок квалитет биле извлечени 10 милијарди денари или над 161 милиони евра.
МКД.мк уште во декември 2019 година откри како компанијата „РКМ“ од Скопје во Македонија во повеќе наврати увезла цистерни на смеса на мазут со употребено масло од трансформатори од Хрватска, кое претставува опасен отпад. Ова за редакцијата тогаш го потврдија хрватските власти, но не и македонската царина која ни одговори дека „нема основа за сомневање за увоз на материи штетни за здравјето“.






