четврток, 14 мај 2026

Муцунски: Потребен ни е дијалог со Софија

Потребен ни е дијалог со Бугарија и во тој контекст јас побарав билатерална средба со мојата колешка од Бугарија на состанокот на министри за надворешни работи на земјите членки на НАТО, кој ќе се одржи во Шведска за десетина дена. И покрај сѐ она што се случи во последните денови, мојот став беше прилично јасно артикулиран и јавноста го слушна за онаа несекојдневна и навистина непријатна епизода пред некој ден – изјави денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на прес-конференција во Владата.

Објавено на

часот

Сподели

На новинарско прашање дека ставот на опозицијата оти прашањето за Бугарија е европски, а не билатерален проблем, Муцунски рече дека е чудо оти ставоите на Софија и на главната опозициска партија се совпаѓаат.

„Првото нешто на што не можам да се изначудам е колку се совпаѓаат ставовите на Софија и на главната опозициска партија, но граѓаните нека судат на крајот на денот. Мојата улога како министер за надворешни работи и улогата на Владата е секогаш да стоиме на линијата на заштита на она што е наш национален интерес и приоритет на државата, што значи да не молчиме кога има обиди за понижување на државата, туку да си стоиме цврсто на тие позиции што нам ни се значајни, но исто така и да преземаме чекори да правиме сѐ она што е потребно да ја движиме напред државата кон европскиот пат “, рече Муцунски.

Според него, дијалогот со Софија ни е потребен, прво, како што рече, бидејќи ни е сосед со кој, покрај оваа блокада на нашата европска иднина, имаме и други предизвици, но и други проекти што ни се значајни во билатералните односи.

„За десетина дена сме во Шведска на состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО и побарав на моја иницијатива да остварам официјална билатерална средба со мојата колешка од Бугарија, каде што, меѓу другото, една од темите што ќе ги дискутираме е и темата за овие неевропски услови што ѝ се наметнуваат на нашата држава“, рече Муцунски.

Додаде дека засега нема одговор од бугарска страна, но изрази оптимизам дека ќе добиеме позитивен одговор.

„Како што со оптимизам сакам да верувам дека опозицијата по денешната прес-конференција ќе развие зрелост, исто така сум оптимист дека ќе добиеме позитивен одговор. Ние мораме да имаме дијалог, колку и да не се согласуваме, колку и некогаш да имаме дијаметрално спротивставени ставови по разни теми. Прво, како луѓе, а второ, како претставници на држави што делат граници, што имаат клучни проекти меѓу себе. Ние мораме да имаме дијалог. Дијалогот не треба да значи и попусливост по секоја тема. Тоа се две сосема различни работи. Но дијалог мораме да имаме “, заклучи Муцунски.

На новинарско прашање дали ќе го донесат изборниот законик со оглед дека опозицијата излезе од работната група, како што беше случајот со техничката влада само со консензус, тој рече дека европските закони имаме обврска да ги донесеме од повеќе причини – прво, тие се насочени кон институционално подобрување на системот на државата и, второ, неносењето на овие закони значи дека државата ќе губи средства од европските фондови.

„Замислете, опозицијата која ни зборува за Европа и за европски фондови ја става државата во ситуација да губи средства за проекти за капитални инвестиции што треба да ги привлечеме од европските фондови. А истовремено јавноста треба да знае дека, особено за Изборниот законик, Деловникот за работа на Собранието, инаку деловник изработен заедно со ЕУ предвидува можност за таканаречен филибастеринг. Значи, многу мал број пратеници може да го блокираат тој закон. Изборниот законик треба да го носиме со консензус затоа што тоа е законик кој е значаен за многу битни процеси што следуваат за државата. Дали ние како Влада одговорно размислување, размислуваме за начини на кои е потребно да се создадат соодветни мнозинства за да се носат европските закони? Секако, размислуваме. Но, апелираме, денес апелираме кон зрелост поврзан со европската интеграција, со европската иднина и зрелост поврзана со носење подобри закони, каде што, кои, ќе повторам, не се подготвени само од тимовите на Владата, туку закони што ги работиме со европски експерти и закони што носат финансирање проекти преку европските фондови. Се надеваме на зрелост. Досега, за жал, морам да бидам искрен, не сме ја виделе, но имаме сепак обврска ние да работиме поактивно за да ги обезбедиме тие соодветни мнозинства “, рече Муцунски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ