Во обраќањето пред присутните, Муцунски напомена дека во денешниот свет што брзо се менува, малите држави не можат да победат со големина, но можат со знаење, агилност, доверливи институции и со способност да се адаптираат побрзо од другите.
Тој и во оваа прилика потенцира дека европската иднина останува наш избор.
„Постојат настани како овој, каде што луѓето доаѓаат затоа што веруваат дека можеме повеќе. Изминатите два дена не зборувавме само за економија, технологија или инвестиции. Зборувавме за меѓусебна доверба, за визија – каква држава сакаме да изградиме и каква иднина сакаме да оставиме зад нас. И тоа е веројатно најважната порака од овој самит, дека македонското општество има знаење, има талент, има луѓе кои успеваат и дома, но и во целиот свет. Но, сега е време тој потенцијал да го претвориме во резултати. Во текот на овие два дена се разговараше за економски раст, инвестиции, лидерство, иновации, дигитализација и конкурентност. Се отворија сериозни прашања за тоа како да изградиме поефикасни институции, како да создадеме подобра бизнис клима и како да обезбедиме услови младите да ја гледаат својата иднина тука, дома. Посебен акцент беше ставен на вештачката интелигенција и дигиталната трансформација не како далечни концепти, туку како реалност што веќе го менува начинот на кој работиме, учиме и се натпреваруваме во светот. Во време кога технологијата се развива побрзо од било кога, нашата задача е да создадеме општество што нема само да ги следи промените, туку ќе знае и да ги искористи“, истакна Муцунски.
Според него, предолго како општество сме чекале некој друг да ни каже и да ни потврди дека можеме.
„Јас верувам дека сами можеме да го докажеме тоа. Особено сум горд што овој самит уште еднаш ја покажа силата на македонската дијаспора. Нашите луѓе ширум светот не се само емотивно поврзани со татковината, тие се важен дел од нашата иднина. Преку нивното знаење, искуство, глобални мрежи и инвестиции, се отвораат нови можности за развој, иновации и меѓународна афирмација на државата. И кога македонски претприемач во Торонто, инженер во Берлин или професор во Њујорк ќе успее, тоа не е само личен успех. Тоа е доказ за капацитетот што го носиме како народ. Затоа и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија останува силно посветено на градење на уште посилни врски со дијаспората, но и на модерна економска дипломатија што отвора нови пазари, нови партнерства и повисок стандард за живот“, рече министерот.
Негова оценка е дека Самитот на Македонија 2025 уште еднаш потврди дека е една од најрелевантните регионални платформи за идеи, партнерства и иницијативи насочени кон развој, лидерство и онакво глобално поврзување како што и треба на земјава.
„Европската иднина исто така останува наш избор. Не затоа што некој ни ја должи, туку затоа што тоа е патот на реформите, владеење на правото, силни институции и повисоки стандарди за живот. Никој нема да ја изгради нашата иднина наместо нас. Тоа е наша задача, тоа е наша одговорност и наша генерациска шанса. Нашата задача сега е јасна: да создадеме држава што ќе биде доволно силна младите да сакаат да останат, доволно модерна за талентите да се враќаат и доволно самоуверена да се натпреварува и со најдобрите. Со силна агенда, со важни пораки и со учество на истакнати говорници од земјата и од странство, токму овој самит уште еднаш се потврди како една од најрелевантните регионални платформи за идеи, партнерства и иницијативи насочени кон развој, лидерство и онакво глобално поврзување како што ни треба. Затоа, овој самит нека не биде само уште еден успешен настан, нека биде нов почеток за партнерства, конкретни иницијативи и заедничка акција, бидејќи иднината не им припаѓа на најгласните, им припаѓа на оние што се подготвени да ја создадат“, подвлече Муцунски.
Како дијаспората може да и помогне на Македонија и кои предизвици се појавуваат во обидите да се направи тоа беа прашањата во фокусот на панелот „Дијаспората како стратешки капитал: Враќање дома“ на дводневниот Самит Македонија2026, што завршува попладнево во Скопје.
„На дијаспората не и треба мотивација, љубовта е присутна. Она што недостасува е структура, основа, платформи, долготрајни заложби, не еднократни донации…Второ, придонесот не се само пари, туку тоа може да бидат стандарди, управување, експертизи, менторирање, подучување, обука… Овие работи ги градат државите исто како што го прави тоа капиталот. Третото е за сите оние кои се уште „седат на оградата“ доаѓањето е опција, а за тоа доказ е Џери. Тоа е можно“, заклучи модераторката на панелот Вал Јусуфи, од косопственик и основач на Леорон институтот.
Митре Кутаноски, коосновач на Македонија2025 и претставник на Фондацијата „Атанас Близнакоф“ рече дека помошта не треба секогаш да е во пари туку и во насоки и за тоа колку се грижите да помогнете на некој начин на земјата. Посочи пример од пред неколку години кога нашинци од Кичево го побарале да им помогне во Македонија да бидат пренесени болнички кревети, а тој успеал да помогне тие да бидат донесени во земјата како хуманитарна помош без да се плати за превоз од САД. Кутаноски укажа и на бариерите со кои се соочуваат нашинците кои сакаат да помогнат посочувајќи на недостаток на комуникација и доверба во Македонија. За да знаат дека парите што ги собрале во нивната црква во САД за семејствата на загинатите во Кочани ќе завршат во вистински раце, во Македонија допатувал нивен претставник. Во друг случај за канти за смет што биле набавени од Германија за Струга им било побарано да платат царина, но исто така им било побарано една да биде подарок, а тие не биле ставени во функција еден месец. Медицинска опрема стоела шест месеци надвор од употреба бидејќи не била одобрена од министерството. Тој апелираше до властите да ги олеснат процедурите.
За да запре „одливот на мозоци“ тој ги повика нашинците да отворат свои бизниси во Македонија и да вработат луѓе од овде.
Тања Михајловска Димитриевска, аудит директор во Barclays UK рече дека постојат и други начини да се помогне како со воведување стандарди, обуки, тренинзи… особено од професионалци кои работат во странски компании кои можат да пренесат знаење и искуства. Смета дека во земјава е потребно да има предвидливост и одлуките да не се остават да ги носат индивидуалци, да се прифаќаат предизвици.
Емил Христов, американски претприемач, сопственик на Домасело и дел од Бордот на директори на Македонија2025 посочи дека откако тој отворил свој бизнис во Македонија, повлекол и други негови пријатели да го направат тоа, а сега веќе во земјата има повеќе американски компании. За тоа дали во Македонија има лоши работници, вели дека се е до умешноста на менаџирањето и како се однесуваш со вработените.
На панелот зборуваше и Џери Наумоф, директор во Рамбл, кој се врати во Македонија од САД и сега живее тука. Според него, една од бариерите овде е бирократијата. Во Македонија се вратил на покана на поранешен премиер да работи во Владата, а потоа останал и основал оутсорсинг команија која има илјада вработени.






