На состанокот, на кој учествуваа министрите за надворешни работи на сите земји од Западен Балкан и Турција, беа разгледани актуелните глобални случувања и регионалната динамика.
Посебен акцент, информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ), беше ставен на теми од непосреден интерес за граѓаните, како што се координацијата во ЕУ-интеграционите процеси, справувањето со природни катастрофи, регионалната поврзаност, како и младите и образованието. Министрите разменија мислења за можни решенија и споделија искуства од најдобрите практики.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја потврди силната поддршка на Македонија за иницијативи што ја унапредуваат регионалната стабилност и отпорност. Тој ја поздрави соработката во справувањето со природни непогоди, како и проектите насочени кон младите, образованието и иновациите, вклучително и идејата за регионален технолошки фестивал, нагласувајќи дека вложувањето во младите е директна инвестиција во иднината на регионот.
Осврнувајќи се на европската перспектива на регионот, министерот ја истакна важноста од реформите, усогласувањето со европските стандарди, како и развојот на иницијативи во транспортот, инфраструктурата, здравството и дигитализацијата на образованието.
Министерот заклучи дека Балканската платформа за мир треба да продолжи да функционира како форум што продуцира конкретна соработка и видливи придобивки за граѓаните.
Балканската платформа за мир е иницијатива покрената од турскиот министер Хакан Фидан во јули 2025 година, со цел унапредување на регионалниот мир, стабилност и благосостојба преку заеднички пристап во решавањето на регионалните прашања. Досега се одржани два министерски состаноци во Истанбул.






