понеделник, 4 мај 2026

Мицкоски: Со оддавањето почит на Гоце Делчев покажуваме дека правиме сѐ за идеалите за самостојна Македонија

Вредностите во кои што верувал нашиот великан Гоце Делчев за жал денеска некои земји членки на ЕУ сѐ уште не ги почитуваат, изјави премиерот Христијан Мицкоски по присуството на денешната панихида во црквата „Св. Спас“- Скопје по повод 123 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Годишнината од смртта на Делчев беше одбележана во повеќе градови, а институциите што го носат неговото име го одбележаа својот патронат. На панихидата во црквата Св. Спас присуствуваше и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Со пригодни зборови по повод 123 години од смртта на Гоце Делчев се огласија и дел од политичките партии.

Објавено на

часот

Сподели

„Не само што не ги почитуваат, туку и не ги спроведуваат. Тој бил пред времето и како таков оставил неизбришлива трага во македонската историја и македонскиот идентитет. Нека му е вечен поменот и секоја година на овој ден да продолжат и идните влади да одбележуваат вечен помен на ликот и делото на Гоце Делчев“, рече премиерот Мицкоски.

Постојат имиња кои не припаѓаат само на историјата, туку на душата на еден народ. Такво име е Гоце Делчев, кое е симбол на слободата, на непокорот и на вечната македонска борба за достоинство, напиша на неговиот официјален фејсбук профил, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

„Голема е борбата за идеалите, но уште поголемо е делото на Гоце, кое и денес стои како наш завет пред иднината. Тој со својот живот ја плати најголемата љубов, кон татковината! Затоа, споменот за Делчев е дел од кодот на секој вистински Македонец.  Тоа е почит што се носи во срцето, гордост што се пренесува низ генерации и аманет што не смее никогаш да згасне. И денес, 123 години по неговата смрт, со длабока почит се поклонуваме пред неговото херојство, пред македонската историја и пред славата која вечно ќе живее. Гоцевата борба е и наша борба. Борба за опстанок, за достоинство, за македонската вистина и за правото на Македонија да постои исправено пред светот. Гоце e завет. Завет, за Македонија!“, напиша Ѓорѓиевски.

Годишнината од смртта на Делчев беше одбележана во повеќе градови, меѓу кои и Битола.

Според востановената традиција, Општина Битола и здруженија на граѓани и организации за големиот деец на Македонската револуционерна организација, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење организираа историски час.

Пред Спомен куќата на Гоце Делчев во Битола, во чест на македонскиот национален херој, идеолог, организатор и водач,  цвеќе положи делегација од Општина Битола предводена градоначалникот на Битола Тони Коњановски, како и претставници на Советот на Општина Битола, на политички партии, здруженија, ученици и други лица што го почитуваат делото на Гоце Делчев.

И институциите што го носат неговото име го одбележаа својот патронат.

Учениците и наставниот кадар од ООУ „Гоце Делчев“ од Општина Илинден и оваа година со достоинство и почит го одбележаа патрониот празник на училиштето и 123-годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Одбележувањето започна со традиционално положување свежо цвеќе пред бистата на патронот, со што симболично беше оддадена почит кон неговото дело и придонес во борбата за слобода. Свежо цвеќе положи делегација од Општина Илинден, предводена од градоначалникот Александар Георгиевски, директорката на училиштето, како и директорите на општинските основни училишта, средното училиште и детската градинка, претставници од сојузот на борци и бројни граѓани.

Во рамки на свечената програма, учениците реализираа богата културно-уметничка содржина, во која беа опфатени музички точки, литературни интерпретации и драмски изведби инспирирани од животот и идеалите на патронот.

„Со ваквите активности, училиштето уште еднаш ја потврдува својата посветеност во негување на историското наследство и промовирање на вредностите на слобода, знаење и почит, со што се надоврзува и заложбата на Општина Илинден за континуирана поддршка на образовните институции и негување на културното и историско богатство“, информираа од училиштето.

Со пригодни зборови по повод 123 години од смртта на Гоце Делчев се огласија и дел од политичките партии.

Демократскиот сојуз денес му оддава почит на великанот на македонската револуционерна мисла – Гоце Делчев, кој својот живот го вгради во борбата за слобода, правда и еднаквост. Неговата визија за Македонија како заедница на слободни луѓе и за светот како поле за културен натпревар помеѓу народите останува траен патоказ за нашиот развој, се вели во соопштението од Демократскиот сојуз.

„На денешен ден се потсетуваме на неговата жртва во село Баница во 1903 година кога прерано беше прекинат животот на еден од најголемите синови на Македонија. И покрај тоа, неговото дело продолжи да живее и да биде водилка за генерациите што ја остварија македонската државност. Како дел од владејачката коалиција, Демократскиот сојуз останува посветен на вредностите за кои се бореше Делчев – слобода, демократија, солидарност и еднакви можности за сите граѓани. Со почит кон минатото продолжуваме да работиме за стабилна, европска и просперитетна Македонија“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ