„Ние многупати досега сме го кажале нашиот став и тој останува непроменет. Ако ги оставиме настрана изјавите и конструкциите на опозицијата, зборуваме за реална политика и за политика што навистина се практикува. Како претседател на Владата, немам намера да поддржам авантура, без да знам дека таа има извесен крај. Покажуваме дека сме конкурентни, дека имаме капацитет, знаење и волја бргу да го поминеме овој процес. Но, без јасна перспектива и извесен исход, не можеме да влеземе во таква авантура. Три и пол децении граѓаните на оваа земја беа сведоци на политички авантури и маневри, а денес сме практично на истото место каде што бевме и пред 25 години кога го почнавме овој процес. Затоа не е фер и не е сериозно да се очекува дека ќе дојде некој висок европски политичар и ние веднаш ќе ја смениме нашата позиција. Тоа нема да се случи“, нагласи Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата од посетата на Кошта.
Мицкоски по отворањето на новиот базен „Карпош“, се осврна и на забелешките на опозицијата и потенцира дека без ВМРО-ДПМНЕ, овој процес не може да успее.
„За жал, во опозицијата има политички актери што секојдневно ја наметнуваат оваа тема мислејќи дека така ќе добијат политички поени и ќе ја поларизираат јавноста. Но, со тоа само ги слабеат позициите на државата. Ако јас бев на местото на бугарската влада и гледав дека има луѓе во Македонија што ги поткопуваат државните позиции, немаше да имам мотив да барам решение. Затоа е важно сите да бидеме одговорни. Трето, пред нас стојат обврските што ги прифатила претходната влада, уставните измени, францускиот предлог, протоколите и слично. Но треба да видиме и што стои пред бугарската влада. Тоа се 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур“, рече премиерот.
Тој додаде дека овој процес мора да се темели на доверба, а таа се гради преку двонасочна комуникација.
„Ако улицата е еднонасочна, доверба не може да има. За да изградиме доверба, треба да видиме и конкретни чекори од другата страна“, рече Мицкоски.
Тој потенцира дека доколку сите европски политичари се едногласни дека нема да има нови условувања, тогаш најмалку што може да добие државата се нови заклучоци, во кои тоа ќе биде јасно наведено, а со тоа ќе се потврдат поддршката и довербата.
„Мое мислење е дека најпрвин треба да почнеме да градиме доверба и да разговараме. Во моментот не разговараме доволно. Ако треба да разговараме со Европската Унија, ние сме подготвени. Разговорот е она што нè обединува, а не она што нè разделува. Исто така, треба да се посветиме на исполнување на реформската агенда, каде што сме меѓу најуспешните земји во регионот на Западен Балкан. Тоа се теми за кои јас би разговарал затоа што се работи за конкретни резултати што може бргу да се испорачаат“, рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека потоа доколку се создаде простор за доверба можеме да преминеме во следната фаза.
„Нашиот став е јасен, кажете ни еден ден однапред каде треба да дојдеме и со кого треба да разговараме, и ние ќе бидеме таму. Проблемот е што не знаеме со кого да разговараме. Од една страна, официјална Софија вели дека ова е прашање меѓу Македонија и Европската Унија, па одиме во Брисел. Од друга страна, потоа се поставува прашањето зошто разговараме без Бугарија. Кога велиме да разговараме директно со Софија, повторно го слушаме истиот одговор. Ние сме сериозни луѓе и сакаме да разговараме. Потребен ни е само јасен сигнал“, посочи Мицкоски.
Премиерот нагласи оти е свесен дека Бугарија се соочува со внатрешни предизвици по изборниот процес, економски проблеми, инфлација и друго, што создава дополнителна недоверба, но додаде дека како добар сосед сме подготвени да помогнеме секогаш кога тоа е потребно.






