понеделник, 23 јуни 2025

Мицкоски: Имаме раст на БДП повеќе од 3 отсто, Македонија е меѓу петте најбрзорастечки економии во Европа

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција информираше дека според прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика, во првиот квартал на 2025 година реалниот раст на бруто домашниот производ, откако е избрана оваа влада, трет квартал по ред е 3 или повеќе проценти, а прилагодениот согласно сезонските и календарските податоци е 3,2 проценти. Ова е бројката којашто ја објавува „Евростат“.

Објавено на

часот

Сподели

„Македонската економија е рангирана на четврто место, веднаш зад Ирска, Данска и Полска. Тоа е многу значајно и ова не е случајност, ова е резултат на храброст, визија и многу работа“, рече Мицкоски.

Според Мицкоски, ова е доказ дека кога државата се води на исправен начин, но и со знаење, со план и со трпение, резултатите мора да дојдат.

„Знаевме дека не смееме да губиме време. Го затворивме поглавјето на стагнација, несигурност и манипулација. Отворивме ново поглавје на економски раст, на вреднување на трудот, на поддршка на приватниот сектор, на фер конкуренција. Овој раст е многу сериозен сигнал дека реформите даваат резултати, имајќи предвид дека станува збор за првиот квартал од годината, којшто секогаш е најслаб и најпредизвикувачки“, додаде Мицкоски.

Тој напомена дека доколку сакаме до 2030 година да бидеме уште повиско на европската економска скала, мораме да го одржуваме просекот, кој ќе биде поголем од 4 проценти. Тоа, како што додаде, не зависи само од нашите внатрешни параметри, тоа многу зависи и од екстерните фактори.

„Имајќи предвид дека просекот во рамките на ЕУ е 1,4 проценти, тогаш можеме да кажеме дека ние сме два и пол пати над тој просек, а во еврозоната е 1,2 проценти. Белгија е 1,1; Германија е 0, Естонија е 0,1; Франција е 0,6; Италија е 0,7; Латвија е -0,3; Унгарија е -0,4; Австрија е -0,7, Романија е 0,5, Словенија е -0,8, Словачка е 1, Финска е 0,8, соседна Србија во првиот квартал е два проценти“, додаде Мицкоски.

Тој појасни дека целта на Владата била да се решат дупките во продуктивноста и вработувањето.

„Важно е дека покажавме дека државата конечно функционира. Тоа го гледаме во странските инвестиции што растат, во индустриското производство коешто се стабилизира и веќе втор квартал по ред е позитивно, во новите инвестиции што се реализираат од Гевгелија до Куманово, од Кичево до Штип, од Делчево до Дебар. Овој раст не е само бројка, тоа се нови фабрики, нови машини, нови договори, нови плати, нова надеж. Тоа се семејства што ќе имаат повеќе сигурност, тоа се млади луѓе што гледаат причина да останат и да се борат тука во својата земја. Знаеме дека економијата не е ништо без луѓето, затоа ја градиме економијата со луѓето, со трудољубиви работници, со креативни млади, со стручни инжинери“, рече Мицкоски.

Како што напомена, денешниот раст е сигнал дека државата се движи напред со посветеност, храброст и со јасна визија.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ