„Овие 80 години не се само историја – тие се традиција на професионализам, кредибилитет и јавна служба, кои претставуваат темел на демократскиот и институционален развој на нашата држава. Во едно современо и транспарентно општество, статистиката претставува огледало на реалноста. Таа е алатка за анализа, основа за планирање, и патоказ за креирање ефективни и одговорни јавни политики. Преку точни, сигурни и навремени податоци, институциите можат да носат одлуки што одговараат на вистинските потреби на граѓаните.Статистиката овозможува граѓанска вклученост, јавна отчетност и социјален дијалог. Без квалитетни и независни податоци – нема ниту квалитетна демократија“, констатираше Мицкоски.
Премиерот истакна дека денес можеме со гордост да констатираме дека македонската статистика е во голем дел усогласена со европската статистичка практика и со меѓународните стандарди.
„Податоците произведени од Државниот завод за статистика се официјални, висококвалитетни и меѓународно споредливи – што ја издвојува оваа институција како клучен извор на информации во Македонија. Преку својата работа, Заводот овозможува нашата држава да биде видлива и препознатлива во европските и глобалните статистички системи, преку објавување на податоци во меѓународни бази и публикации“, рече премиерот во своето официјално обраќање.
Воедно тој потврди дека Владата континуирано ја поддржува статистиката – и тоа не само како административна функција, туку како стратешки ресурс за развој и напредок.
„Преку усвојување на Националната стратегија за развој на статистичкиот систем, преку финансиска стабилност, вложување во ИТ-инфраструктура, човечки ресурси, како и преку соработка со европските институции, ние создаваме услови Државниот завод за статистика да остане независен, модерен и професионален. Оваа институција има особено значење и во процесот на преговори со Европската Унија, каде статистиката е клучна за мерење на напредокот и за оценка на реформските процеси. Како Влада, ќе продолжиме да ја поддржуваме статистиката – затоа што точните податоци значат подобри политики, а подобрите политики значат подобар живот за граѓаните“, порача Мицкоски.
Обраќајќи им се на вработените во ДЗС, Мицкоски им оддаде признание дека нивниот труд „можеби не е се секогаш е во фокусот на јавноста, но тој е незаменлив“.
„Благодарение на вашата посветеност, методолошка точност и институционална одговорност, нашата земја има статистика што е почитувана дома и призната надвор. На сите генерации што работеа и работат во оваа институција им искажувам од името на Владата голема благодарност. Предизвиците што доаѓаат се нови – дигитализација, вештачка интелигенција, нови извори на податоци. Но, сигурен сум дека со знаењето, капацитетот и поддршката што ја имате, Државниот завод за статистика ќе продолжи да биде столб на вистината, објективноста и прогресот“, кажа премиерот Христијан Мицкоски, честитајќи го јубилејот – 80 години од постоењето на Државниот завод за статистика.