Писмото било испратено уште на 6 март 2019 година. Македонците од Грција бараат во дел од црквите во северна Грција богослужбите да се одржуваат на современ македонски јазик.
За писмото денеска на својот фејсбук профил потсети Павле Воскопулос – Филипов, еден од лидерите на Македонците во Грција.
„Како православни христијани, етнички Македонци во Грција, бараме во нашите цркви да може да се применува и нашиот мајчин современ македонски јазик, кој припаѓа на поширокото семејство на јужнословенските јазици чија азбука е измислена во 9 век во Солун, од светите Кирил и Методиј“, пишува во писмото кое Виножито, партијата на Македонците во Грција го испрати до цариградскиот патријарх Вартоломеј.
Виножито потсетува на грчката репресија од почетокот на минатиот век во однос на преименувањето на македонските села, на прогоните, на насилната промена на личните имиња, на уривањето на македонските православни храмови, на уништувањето на натписите на кирилица…
„По ратификацијата на Преспанскиот договор меѓу Република Грција и Република Северна Македонија, ние веруваме дека дојде време да се стави крај на неправдата врз домородното македонско малцинство, македонските православни христијани, етнички Македонци на територијата на Грција, за да можеме да си ги извршуваме нашите верски должности на нашиот јазик… Сакаме нашите луѓе да можат да пеат и да слушаат молитви на нашиот мајчин современ македонски јазик и да ги крштаваат нашите деца со нашите традиционални имиња – Зора, Софка, Стојанка, Борис, Златан, Дора, Стојко, Томе, Борка, Гоце, Велика, Кирил, Славе, Трајко, Стојан, Петко, Цвета, Трајчо, Трајанка, Ристо, Петко…“, се вели во писмото на Виножито до цариградскиот патријарх Вартоломеј.
Дури и денес сме жртви на тивко непријателство и омраза од значаен дел на клириците од митрополиите на Новите земји и токму таа е причината што се обраќаме директно до Вас, преку нашиот политички орган Виножито, се вели во писмото.






