Според Лафчиски поставената цел на НАТО за тоа секоја членка да ги зголеми трошоците за одбрана на 5 проценти од БДП до 2035 година, од кои 3.5 отсто ќе се вложуваат во воени инвестиции, а 1.5 проценти во внатрешна безбедност, е позитивно за Армијата и тој го поддржува тоа, иако признава дека е амбициозна и предизвикувачка цел, особено за мали држави како нашата. Парите, појаснува тој, ќе бидат искористени за модернизација и надградба на постојнките системи, подобрување на командување, логистика и борбена готовност, обезбедување интероперабилност со НАТО и зајакнување на националните одбранбени капацитети. Дел од буџетот ќе биде наменет и за развој на логистичка инфраструктура, резервен состав, цивилна заштита, како и за одбрана од хибридни закани, сајбер безбедност и справување со кризи.
Началникот во интервјуто информира и за борбената опрема, како што е проектот за набавка на лесни оклопни возила JLTV и Stryker кој е во тек, со кои се зголемува мобилноста, заштитата на персоналот и огнената моќ, особено за лесната пешадиска баталјонска група, која е највисок НАТО-приоритет. До крајот на годината и почетокот на следната се очекува пристигнување на системите за противвоздушна одбрана МИСТРАЛ-3 и ракети со краток дострел, како и хаубици БОРАН 105 мм. за артилерискиот баталјон. Паралелно, се работи и на модернизација на сајбер безбедноста и инженериските капацитети на армијата.
Во однос на современите текови на војување, Лафчиски смета дека дроновите и беспилотните системи стануваат неизбежен и интегрален дел од современото војување, користени не само за извидување, туку и за офанзивни операции, логистичка поддршка и сајбер активности. Овој развој, вели тој, бара промени во воените доктрини и организациските структури и дека нашата армија веќе планира набавка на овие системи со цел нивна интеграција во своите капацитети.
Конкурсот за 300 професионални војници е привремено замрзнат поради локалните избори, но ќе продолжи наскоро, а според генералот Лафчиски, Армијата е привлечна за кандидати, што овозможува селекција, иако има предизвици за специјализирани позиции поврзани со модернизација. Нагласи дека инвестициите во инфраструктурата на касарните се континуирани, со посебен фокус на објектите во Штип, но со план за интензивирање на вложувањата во сите гарнизони, вклучувајќи ги и Скопје, Прилеп, Куманово, Тетово и Кичево, со цел подобрување на условите и стандардот за припадниците.
Во контекст на плановите за зголемување на борбената готовност, Лафчиски вели дека мошне значајно во тој поглед е учеството на армијата на големи вежби. Сето тоа е во рамките на подготовката за НАТО- оценувањето на борбената готовност, во април следната година, кое оценување ќе биде извршено од НАТО-мониторинг тим
„Зголемувањето на борбената готовност е непрекинат процес, таа се одвива во моментот. Мој императив е зголемување на борбена готовност, она што е мојата примерна задача. Ова година, заради тоа што не чека следната година – оценувањето на лесната пешадиска баталјонска група, акцентот беше даден на развојот на капацитетите и способностите на лесната пешадиска баталјонска група. Па затоа истата учествуваше на една од најголемите вежби во регионот и во Европа, Immediate Response 25, која се реализираше на армискиот полигон Криволак. Каде што учествувавме, ние како армија, ние како држава, со лесен пешадиски баталјон, односно вториот баталјон. Ова беше и првиот тест на лесниот пешадиски баталјон во една меѓународна средина, каде што треба да го покаже степенот на развој во контекст на НАТО целите на способност и во контекст на интероперабилноста и оперативноста со други земји членки на НАТО, до каде сме стигнати. Успешно беше завршена самата вежба. Има доста научени лекции, лекции кои беа идентификувани за време на вежбата и кои се во делот на планот, каде што треба тие капацитети да се подобрат. Она што сакам во ова прилика да го нагласам, а што се случува во моментот, е нашето учество на голема меѓународна вежба, Cyber Junction 25 во Хохенфелс во Германија, каде што учествуваме со една третина од лесната пешадиска баталјонска група, односно со засилена зајакната чета. Ова е за нас историска вежба по многу параметри. Прво, заради тоа што прв пат учествуваме на вежба каде што покрај припадниците, кои обично одат со личното вооружување и личната опрема, на таа вежба учествуваат и со целокупното вооружување кое го поседуваат, целокупните возила кои се на користење во единицата, борбени и неборбени, и останатите материјално-технички средства кои се во употреба во единицата. Зборуваме за околу 50 возила, борбени и неборбени, голема количина на материјално-технички средства и околу 280 припадници. Историски е затоа што ова е прв пат да пратиме единица на меѓународна вежба, да извршиме нејзино и успешно префрлање од точка А во Штип до точка Б во Хохенфелс во Германија, да ја завршиме првата фаза на распоредување. При тоа можам да кажам дека оваа прва фаза ја завршиме без никакви проблеми, имајќи го предвид растојанието кое се помина, големиот контингент на возила, односно конвој кој беше направен со цел да се префрли единицата во Хохенфелс. Оваа вежба, пак, нагласувам дека е дел од развојот или тест фаза, контролната фаза на развојот на лесната пешадиска баталјонска група како втора контролна точка, верувам дека успешно ќе заврши. Се очекува вежбата да заврши некаде во втората половина на септември, успешно да се вратат назад, а сè во насока да бидеме подготвени како армија, како држава и како лесната пешадиска баталјонска група за НАТО- оценувањето на борбената готовност во април следната година, кое оценување ќе биде извршено од НАТО-мониторинг тим. После завршената валидација на борбената готовност, доколку биде успешна, можеме да кажеме дека сме ја исполниле оваа примарна НАТО цел на способност која е многу важна за кредибилноста на армијата“, вели началникот на Генералштабот на АРМ, Сашко Лафчиски.






