Крмов истакна дека Декларацијата за признавање на државата Палестина поднесена од Левица веќе пет месеци останува закочена во Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија.
„Моето процедурално обраќање е по член 126, став 3 кој вели ‘ако претседателот на работното тело не свика седница кога е должен тоа да го стори, или ако работното тело нема претседател, седницата ја свикува претседателот на Собранието и со седницата претседава член на работното тело, што ќе го определи претседателот на Собранието до завршување на седницата’. Имено, Левица има поднесено декларација за признавање на државата Палестина од 8 ноември, тоа се пет месеци. За жал, наводно ги откочивме процесите во Собранието со процесот Жан Моне. Значи, пет месеци таа декларација останува закочена во Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија која ја раководи колегата Муса Џафери. Сакам да прашам прво и основно, го газиме деловникот и второ, ние колеги и вие посебно претседатели, имаме ли ние совест воопшто во оваа Собрание? Само пред некој ден гледавме видео каде после експлозија 50 метри во воздух летаа распарчани тела на мажи, жени и деца. А ние во Собранието не можеме да отвориме ниту една најобична дебата. Не да изгласаме нешто, туку најобична дебата не можеме да отвориме. И за иронијата да биде поголема, гласачкото тело на двете партии или коалиции кои ја кочат декларацијата на Левица, всушност на Вреди и Европскиот фронт всушност вашите гласачки тела се најголемите поддржувачи на Палестина и на палестинскиот народ“, рече тој.
Пратеникот на Левица повика да се одржи ад-хок координација на која ќе се разговара за оваа прашање и побара пауза од еден час.
„Јас уште еднаш се повикувам на совеста на Собранието, и посебно на вашата совест, повикувам на разум, да имаме – координација, каде што ќе разговараме за овој процес под итно да го откочиме и конечно во ова Собрание да се проговори за геноцидот во Појасот Газа кој ни се случува пред очи. Затоа, по член 87 став 2 барам еден час пауза“, рече Крмов.
На 43-та седница има вкупно 28 точки на дневен ред и повеќето од законите се во прво читање и потребата да се донесат по скратена постапка.