Осомничениот 39-годишен косовски државјанин на 11 април со тесла го скршил стаклото од влезната врата на тобако-маркет во Скопје, влегол внатре, претурал и пребарувал и од маркетот одзел пари од дневен промет, разни алкохолни пијалоци, цигари и други ситни производи, во вкупна вредност од 52.900 денари. Веднаш потоа со велосипед избегал во непознат правец.
На 18 април, повторно на ист начин се обидел да влезе во истиот маркет, но за кратко време бил забележан од случајни минувачи и вработени кои пријавиле во полиција.
Во конкретниот случај постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, особено затоа што осомничениот непријавено престојувал во државава, па јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.






