среда, 29 април 2026

Јовески: Новиот Закон за работни односи не смее да остане „историски закон“ на хартија

Сегашниот начин на социјален дијалог досега не е забележан во македонската историја и тој резултира со огромен број колективни договори во јавниот сектор – изјави професорот по трудово право на Правниот факултет при УКИМ Скопје, Лазар Јовески, кој денеска присуствуваше на конференција на тема: „Трудови политики и колективни договори – законска рамка, примена и предизвици“, во организација на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК.

Објавено на

часот

Сподели

„Она што во моментот го прават Конфедерацијата на слободните синдикати и Синдикатот на културата – СОНК, според мене, е вистинскиот начин како треба да се организира, да се разговара во присуство на сите социјални партнери, каде што ќе може на маса, без да се заобиколува и без да се ставаат под черга, народски кажано, проблемите, да се разговара отворено за сите предизвици кои се пред социјалните партнери“, нагласи Јовески во изјава за медиумите.

Тој истакна дека како професор, кој дваесет и пет години работи и фокусирано се посветува на социјалниот дијалог и работи и со синдикати, и со работодавачи, и со Владата, овој начин на дијалог, што се случува сега, досега не е забележан во македонската историја и резултира со огромен број колективни договори во јавниот сектор.

„Останува, тоа е мојот апел, да се посветат социјалните партнери во бизнис-секторот и таму да заживее концептот на социјален дијалог, концептот на колективно преговарање, за да може да дојде до поместување на одредени проблеми или предизвици или нивно решавање, а кои веќе со децении се појавуваат и во бизнис-секторот“, изјави Јовески.

Во однос на законот за работни односи, кој осум години е закочен и дали ќе се воведат нови методи во работата имајќи го предвид ковидот кога се работеше онлајн, Јовески рече дека се надева оти ќе добиеме модерен закон, кој ќе одговара на интересите на сите страни.

„Работењето на таканаречениот нов закон за работни односи веќе навистина малку станува и на шега, како еден вид историски закон. Да, тоа е системски закон. Тоа е многу важен закон, но секако временскиот период што премина и помина во изминатите години не беше, според мене, потребно толку долго да се чека, но веројатно сè има свое време под небото, така што дојде време. Верувам, силно верувам дека оваа година и таа приказна ќе заврши успешно, односно ќе добиеме закон за работни односи, кој ќе биде модерен, кој ќе одговара на интересите на сите страни, а тоа се работниците, работодавачите и државата, и кој ќе може перспективно во наредните пет-десет години да одговори на потребите на модерниот пазар на труд и на новините во светот на трудот, не само во Македонија, не само европски, туку и глобално. Она што се случува токму и со вештачката интелигенција, дигиталната трансформација и така натаму“, потенцира Јовески.

Во однос на денешната конференција, што СОНК ја организира во пресрет на Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај, тој рече дека ќе се разговара за  досегашните аспекти, придобивки и предизвици со кои се соочува социјалниот дијалог во Македонија и од стручен, и од научен, и од практичен аспект.

„Ќе дискутираме исто така и во која насока ќе се движи иднината на социјалниот дијалог и колективното преговарање како алатка, како начин, метод за уредување и подобрување на правото од работните односи, не само за работниците, секако за нив, но и како алатка за работодавачите, што ќе овозможи и тие исто така да користат одредени придобивки, што ќе значи растење на бизнисот, отворање нови работни места и подобрување на нивните перформанси како компании“, рече Јовески.

Конференцијата ќе опфати панел-дискусии посветени на прашања од областа на трудовото право, поврзани со креирање трудови политики и законска рамка, како и проблемите и дилемите при практичната примена на колективните договори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ