Премиерот потенцира дека ова е уште еден показател оти земјава станува сигурна дестинација за долгорочни стратешки технолошки напредни инвестиции. Со вакви проекти, нагласи, расте индустриското производство, се отвараат нови работни места, се зголемува извозот, а со тоа расте и довербата во нашата економија, расте вредноста на македонското знаење умеење и труд.
„Денеска испишуваме уште една важна страница во современата економска приказна на државата. Ја објавувам новата инвестиција на ‘Гентерм’ – глобален лидер во автомобилската индустрија, кој покрај веќе постојнара инвестиција во Прилеп, почнува со план за процес на проширување на производството токму овде. Со овој нов инвестициски циклус се потврдува она што сите го чувствуваме, дека Македонија станува сигурна дестнација за долгорочно стратешки технолошки напредни инвестиции“, рече Мицкоски на денешната прес-конференција во Владата.
Инвестицијата согласно деловниот план на компанијата, како што појасни, ќе изнесува повеќе од 30 милиони евра, со нови до 300 вработувања. Според премиерот, станува збор за високоинтегрирани системи во автомобилската индустрија, со нова технолошка опрема автоматизирани линии и современо производство. Ова, смета тој, значително ќе го зголеми извозот, а тоа што станува збор за високотехнолошко производство покажува дека сме конкурентни и на тој пазар. Со тоа, нагласи премиерот, стануваме регионален „хаб“ на Гентерм за Европа.
„Ова не е само уште една инвестиција, ова е двигател на нашата економија. Со вакви проекти расте индустриското производство, се отвораат нови работни места, се зголемува извозот, а со тоа расте и довербата во нашата економија, расте вредноста на македонското знаење, умеење и труд. Резултатите се забележителни и се гледаат“, истакна премиерот Мицкоски.
Потсети дека минатата година земјава ја заврши со рекордно највисоко ниво на директни странски инвестиции од 1 милијарда 255 милиони евра. Никогаш досега во историјата, нагласи, немало ваков прилив на капитал. Исто така, напомена дека во првите месеци од годинава расте индустриското производство, за во мај да се забележи историски највисоко ниво во последната деценија во висна од 9,4 проценти и тоа, нагласи, не се само зборови, тоа се реални бројки, резултат на довербата што инвеститорите ја имаат во новиот политички амбиент.
„Свесен сум дека ќе треба уште еден извесен период ова да се почувствува и во реалната економска моќ на граѓаните, но правиме сè тоа да биде што побрзо и тој период да биде што пократок.
И тука морам да подвлечам – ова е суштинска разлика од минатото. Во време кога владите трошеа енергија на корупција, на непотизам и на лажни ветувања, ние градиме реално, отвораме фабрики, носиме инвеститори, креираме иднина. Се бориме за секој инвеститор – домашен и странски. За секоја нова хала, секое ново работно место, секој денар инвестиран овде. Затоа што знаеме – економијата не се води со пароли, туку со проекти, со партнерства и со сигурни инвестиции“, рече Мицкоски.
Додаде дека како Влада ги поставуваат темелите на нов економски модел, во кој инвестициите се движечка сила, а македонскиот граѓанин – срцето на развојот.
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски смета дека со оваа нова инвестиција, американската компанија „Гентерм“ сериозно ќе го зголеми извозот од својата фабрика која веќе ја има во Македонија.
„Согласно деловниот план добиен од страна на компанијата ‘Гентерм’ се работи за инвестиција од високотехнолошко производство, кое и тоа како ќе ја унапреди продуктивноста во индустријата и ќе го зголеми извозот од Македонија“, рече Димовски.
Вели дека ваквите инвестиции се секогаш добредојдени во Македонија и оти ќе работат на привлекување нови.