четврток, 11 јуни 2026

Илјадници евра социјална помош исплатени без контроли, сомнежи за фалсификувани документи, откри ДЗР во работата на центрите за социјална заштита

Системот за доделување и исплата на правата од социјална заштита во Македонија е оптоварен со сериозни слабости, неусогласени процедури и недоволни механизми за контрола, покажува конечниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) објавен денеска. Заводот уште утврдил дека во еден случај поднесена е и кривична пријава поради сомневање за фалсификувани медицински наоди.

Објавено на

часот

Сподели

Ревизорите констатираат дека и покрај законските решенија и воспоставените информатички системи, во пракса постојат бројни пропусти кои создаваат ризик од неосновано исплаќање на буџетски пари, различно постапување кон граѓаните и можни злоупотреби во остварувањето на правата од социјална заштита.

Од вкупно исплатените права од областа на социјалната заштита, вклучително и исплатите по основ на здравствена заштита, во текот на 2024 година биле исплатени 162.128 милиони евра , што претставува 15 отсто од вкупните расходи на Министерството за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ). Парите биле исплатени на околу 113.666 корисници на социјални права. Исплатите во периодот од 2022 до 2024 година бележат тренд на пораст од околу 30 отсто, што според ДЗР, укажува на растечки тренд на опфат на пари од буџетот.

Фалсификувале документи за да земаат социјална помош

Еден од клучните наоди на ревизијата е дека центрите за социјална работа не постапуваат секогаш на ист начин при одлучувањето за правата на граѓаните.

Ревизорите утврдиле случаи во кои не биле обезбедени сите потребни докази за промени во составот на домаќинствата, а во дел од предметите не било спроведено ниту законското усогласување на висината на гарантираната минимална помош со трошоците на живот. Во одредени случаи не биле донесени ниту решенија за престанок на правото иако законските услови за тоа биле исполнети.

„Нееднаквото постапување директно влијае врз континуитетот и воедначеноста во остварување на правата и не еднаков третман на корисниците. Ваквата недореченост остава простор ЦСР да постапуваат нееднакво при обработката на барањата“, констатирале ревизорите.

Според ревизијата, ваквите состојби влијаат врз висината на исплатената помош и создаваат ризик од нееднаков третман на корисниците на социјална заштита.

Кривична пријава поради сомнежи за фалсификувани документи

Ништо помалку сериозен наод во ревизијата се однесува на остварувањето на правото на помош и нега од друго лице. При контрола спроведена во Центарот за социјална работа(ЦСР) во Тетово, биле споредени медицинските наоди што се наоѓале во предметите на корисниците со оригиналната документација во Клиничката болница Тетово.

Кај 23 корисници биле утврдени несогласувања меѓу документите што биле приложени во постапката за добивање право и документите што се воделе во здравствената установа. Според ревизијата, во предметите се наоѓале позитивни наоди врз основа на кои било одобрено правото, додека во болничката документација биле евидентирани негативни наоди.

„Во текот на 2025 година, во врска со остварување на правото на социјална сигурност на стари лица, од страна на МЦСР Тетово се покренати две постапки пред надлежното ОЈО против вработени во центарот поради сомневања за незаконитости и пропусти во работењето“, велат од ДЗР.

Ревизорите утврдиле и случаи во кои не биле донесени решенија за престанок на правото иако постоеле законски основи за тоа. Во дел од предметите немало соодветни докази за составот на домаќинствата, не биле ажурирани податоците за корисниците, а институциите не располагале со целосни и навремени информации за промените што влијаат врз правото на помош.

Скенирани потписи наместо електронска идентификација

Ревизијата открива и слабости во новиот информатички систем што се користи за решавање на предметите. Ревизорите констатирале дека иако решенијата се генерираат електронски, тие не се потпишуваат со квалификуван електронски потпис, туку во системот се вградени скенирани потписи на овластените луѓе. Според ревизорите, ваквиот начин на работа носи ризик од злоупотреба на кориснички профили и оспорување на документите во управни и судски постапки. Дополнително, во одредени случаи решенијата што им биле доставени на граѓаните содржеле само скенирани потписи, без своерачен потпис од овластеното луѓе.

„Решенијата не се потпишуваат дополнително своерачно, ниту се користи квалификуван електронски потпис или електронски печат. Постои ризик во случај друго лице да користи туѓа шифра и лозинка и да изработи или одобри документ во име на овластеното лице. Наведената состојба создава ризик во однос на сигурната идентификација и интегритет, злоупотреба на кориснички пристап, и нивно оспорување во управна или судска постапка“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Социјална помош земале и починати корисници

Ревизорите констатираат и проблеми во следењето и наплатата на неосновано исплатените пари. Според извештајот, недостигот на централизирана евиденција и координација меѓу институциите ја отежнува контролата и наплатата на неправилно исплатените средства.

„Постојат слабости во постапката за враќање на неосновано исплатени средства, поради недостиг на јасни насоки и отсуство на евиденција за системско следење на наплатата, што влијае врз ненавремена и нецелосна наплата на побарувањата“, пишува во извештајот на ДЗР.

Во дел од случаите биле вратени скоро 85.000 евра исплатени на сметки на починати корисници, како и дополнителни 9.000 евра врз основа на судски пресуди. Но, истовремено остануваат предмети во кои сè уште се води постапка за наплата на над 130.000 евра.

Ревизијата нотирала и слабости во стратешкото управување со системот на социјална заштита. Ревизорите оценуваат дека ваквата состојба влијае врз ефикасноста на системот и ја намалува можноста институциите навреме да ги детектираат и отстранат слабостите. Во извештајот се дадени повеќе препораки до МСПДМ и до центрите за социјална работа. Тие се однесуваат на зајакнување на контролите, обезбедување автоматска размена на податоци меѓу институциите, усогласување на подзаконските акти, подобрување на електронските системи и воспоставување поефикасен надзор.

И.О.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ