„Напорите на Народната банка, со поддршка од Светската банка, за зачленување на земјава во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), како и за успешно завршување на процесот за вклучувањето на сите банки во шемата за кредитни трансфери на СЕПA веќе даваат конкретни резултати преку поевтинување и унапредување на брзината и транспарентноста на прекуграничните плаќања во евра за граѓаните и за компаниите“, велат од НБ.
Нагласуваат дека Народната банка во моментов е фокусирана на воспоставување систем за инстант плаќања во земјава заснован на клонот на ТИПС, којшто го развива Банката на Италија за пет земји од Западен Балкан согласно одлуката на Управниот совет на ЕЦБ.
„За таа цел Народната банка и Светската банка потпишаа договор за техничка соработка којшто ќе обезбеди експертска поддршка во дизајнирањето и воведувањето на системот, како и за негово усогласување со современите европски практики. Договорот го потпишаа гувернерот Славески и заменик-претседателката на Светската банка Антонела Басани“, соопштија од НБ.
На средбата со високите претставници на Светската банка во Вашингтон, како што посочуваат, беше нагласено значењето на партнерството во рамките на повеќе проекти за кои Светската банка обезбедува техничка поддршка за Народната банка на Македонија.
„Постојаната соработка придонесува за подобри механизми за зајакнување на финансиската стабилност, унапредување на регулативната и супервизорската рамка, развивање на макропрудентните политики, модернизација на платните системи, зајакнување на управувањето со ризиците, како и за поддршка во процесите на дигитализација, финансиска вклученост и усогласување со меѓународните стандарди и најдобрите практики“, прецизираат од НБ.
Делегацијата на Народната банка во Вашингтон учествува и на тркалезна маса со претставниците на Светската банка, Банката на Италија и централните банки на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, на која се разгледуваат тековните активности и следните чекори за воведување на системот за инстант плаќања заснован на клонот на ТИПС.






