Како што напиша Ѓорѓиевски, овој проект е од огромно значење за градот Скопје.
„Со неговото завршување, Скопје добива нова, современа и функционална сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на градот, која ќе овозможи подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и Индустриската зона, но и значително ќе ги растовари булеварите Партизански одреди и Илинденска. Со ова решение, граѓаните ќе добијат побрз, побезбеден и поефикасен излез кон обиколницата, а сообраќајот во овој дел од градот ќе се одвива многу полесно и поорганизирано“, напиша Ѓорѓиевски.

Проектот, додава тој во информацијата, во минатото овој прокет бил стопиран поради неопходноста од обезбедување мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар, со цел целосна заштита на локалитетот „Скупи“.
„Но, со сериозна работа, одговорен пристап и силна волја, потребната дозвола е обезбедена, културното наследство е заштитено, а градежните активности од денес продолжуваат со засилен интензитет. Паралелно со изградбата, се предвидува и современо сообраќајно решение за влезот во селото, преку кружен тек или адаптивна семафоризација, согласно реалните потреби на теренот. Со ова, ќе има помал метеж, поголема безбедност, подобар проток за возила и пешаци и целосна заштита на културното наследство кај Скупи. Унапредувањето на патната и сообраќајната инфраструктура е еден од нашите врвни приоритети, затоа што тоа директно значи подобар квалитет на живот за секој граѓанин. Скопјани заслужуваат функционален, поврзан и модерен град“, напиша на својот официјален фејсбук профил, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.







