понеделник, 20 април 2026
На судење за трегедијата со 63 жртви и над 200 повредени

Газда Деко, првообвинетиот во Пулс се жали дека е многу болен, бара куќен наместо ефективен притвор

Одбраната на првообвинетиот за пожарот во Кочани, сопственикот на изгорената дискотека „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, пред почетокот на денешното рочиште од судот побара да му биде заменет притворот со мерка куќен притвор поради сериозно и алармантно влошување на неговата здравствената состојба.

Објавено на

часот

Сподели

Адвокатката Ивана Коцевска, која го застапува првообвинетиот пред почетокот на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, во судницата во „Идризово“ изјави дека „мерката притвор не соодветствува со целта, ова не е мерка за обезбедување присуство, туку казна пред судење“.

„Импровизирано третирање во затворски услови гарантира катастрофални последици поради несоодветните услови, особено кога неговото здравје континуирано се влошува“, рече Коцевска.

Таа рече дека судот е запознаен со здравствената состојба на обвинетиот и нагласи дека тој денеска со отворена рана по оперативен зафат е спроведен од болнички услови на судење.

„Ова ги премина сите човечки граници на хуман третман и сметам дека е неопходно да му се укине притворот и да се замени со куќен. Селективна примена на оваа мерка, само на двајца од вкупно 34, кои се товарат за исто дело, иако Дејан е со најлоша здравствена состојба. Мерката притвор не соодветствува со целта, ова не е мерка за обезбедување присуство, туку казна пред судење“, додаде Коцевска.

Судијката Дијана Груевска-Илиевски посочи дека судот е многу добро запознаен со здравствената состојба и поради итност, со негова согласност е однесен на операција во петокот.

„Таму сите лекари рекоа дека се потребни три дена мирување. Тие се поминати и затоа денеска е спроведен. Немаме такви сознанија од затворскиот лекар, а ние постапуваме по тоа“, рече Груевска-Илиевски.

Од Јавното обвинителство рече дека ги сослушале наводите и по разгледување на документацијата, на крајот од денешната расправа ќе одлучат дали ќе се произнесат или тоа ќе го направат писмено.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ