„Граѓаните денес живеат во економија што тоне, со тежок секојдневен живот, со цени во продавниците кои пораснаа без контрола, со најнизок животен стандард во Европа и со млади кои заминуваат од земјата“, рече Филипче.
Тој потсети дека СДСМ уште на почетокот на кризата предложила пакет мерки кои опфаќале намалување на ДДВ за горивата на пет проценти, укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, како и намалување на акцизите за четири денари.
„Со ваков пакет мерки граѓаните реално ќе имаа бенефит, тоа ќе се почувствуваше на семејните буџети, а ќе се спречеше и спиралата на поскапување на другите производи поврзани со цените на енергијата“, нагласи Филипче.
Според него, Владата и нејзините коалициски партнери ги одбиле сите предлог-закони на СДСМ, а дел од мерките што подоцна биле воведени, како што рече, биле половични и сега се укинуваат. Филипче оцени дека тоа се случува предоцна, во услови кога цените на речиси сите производи се високи.

Во обраќањето, лидерот на СДСМ направи споредба со другите европски земји, наведувајќи дека тие, за разлика од Македонија, преземаат мерки за заштита на граѓаните, за намалување на инфлацијата и растот на цените на енергијата.
Како аргументи за своите оценки, тој посочи дека странските инвестиции се намалени за 60 проценти, дека се затвораат и домашни и странски компании и дека, според неговите податоци, во последната година и пол без работа останале околу 1.500 лица. Дополнително, рече дека расте буџетскиот дефицит и дека државата должи околу 160 милиони евра за поврат на ДДВ кон компаниите.
Филипче нагласи дека цените на основните прехранбени производи – леб, масло, шеќер, сол, месо, млечни производи, овошје и зеленчук значително пораснале, во некои случаи од пет до 300 проценти, што, според него, доведува до постојано влошување на животниот стандард.
Наспроти економските процени на лидерот на опозицијата, премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција истакна дека Македонија е меѓу трите европски држави што презеле најобемни мерки за ублажување на ефектите од ценовните шокови, а од утре се очекува ново поевтинување на бензините и дизел-горивото за денар и половина.
Како што рече Мицкоски на прес-конференција, според податоците на Меѓународниот монетарен фонд објавени на 15 април, државата се наоѓа на трето место во Европа според обемот на преземените мерки како процент од бруто-домашниот производ, насочени кон амортизирање на последиците од енергетската криза и покрај, како што наведе, тврдењата на поранешната влада на СДСМ и ДУИ дека мерките или доцнеле или не биле потребни.

„Она што е важно да се истакне е дека нашите политики не се изолирани, туку се во целосна линија со светските трендови. Според последните анализи на европско ниво, според ММФ, во Европа сме меѓу првите три држави кои промениле најмногу работи и примениле највеќе мерки за справување со ценовните шокови. И токму тоа може да го видиме овде на слајдот, инаку се сеќавате дека изминатиов период СДС и останатите коалициони партнери во поранешната влада, како што е ДУИ, велеа дека доцниме со мерките, дека тие мерки не биле доволни итн., но според ММФ податок објавен на 15 април, а тоа е пред четири дена можете да забележите дека ние како држава сме на третото место според мерките коишто сме ги примениле како процент од БДП во Европа. Лажеа за мигранти, лажеа дека ќе сме банкротирале, лажеа дека ќе нема за пензии, уште што ли се не излажаа, па така излажаа и за мерките коишто ги применивме и подготвени ја пречекавме енергетската криза, којашто ќе повторам не зависи од нас, туку зависи од геополитичките, светски случувања. Од слајдот можете да видите и дека практично како држава сме на третото место и тоа е нешто коешто во минатото за владата на СДСМ и ДУИ претставуваше нешто коешто е невозможно. Ефектите од овие политики денес се јасно видливи – рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека енергетската криза е предизвикана од глобалните геополитички случувања и дека не е резултат на домашните политики, додавајќи дека ефектите од владините мерки денес се јасно видливи, особено во услови на корекција на цените на светските берзи.
Тој истакна дека земјата се соочува со период на изразена глобална неизвесност и дека ценовните шокови на енергентите не се резултат на домашните политики, туку на геополитичките состојби, особено кризите на Блискиот Исток и турбуленциите на светските пазари. Во вакви услови, нагласи, обврска на Владата е навремено да реагира и да ги заштити граѓаните и економијата.






