вторник, 21 април 2026

Филипче по повод 35 години СДСМ: Македонија како праведна и европска држава, на свеченоста се појави и Заев

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, синоќа на свечена седница на Централниот одбор по повод 35 роденден на партијата изјави дека СДСМ ја прават луѓето што веруваат во вредностите, кои имаат отворени врати за знаење, за младост, за критика, кои ги почитуваат ослободените медиуми, жените, невладините и други организации, луѓе кои никому ништо не должат освен на сопствената совест и на јавниот интерес. На крајот од свеченоста се појави и Зоран Заев, претходниот претседател на партијата.

Објавено на

часот

Сподели

„Кога велиме дека социјалдемократските вредности се наш императив тоа значи да бидеме упорни и храбри во определбите за спроведување на реформите кога сме на власт и да вршиме силен притисок кога сме во опозиција – порача Филипче.

Тој посочи дека основен постулат на политиките на партијата била и ќе биде идејата за Македонија како пристојна, праведна и европска држава.

Филипче во својот говор пред присутните се осврна на значењето на социјалдемократијата, даде кус историјат на партијата, цитираше изјави од поранешни лидери на СДСМ, го цитираше и поранешниот претседател на државата Киро Глигоров, а упати и порака до политичките противници.

„На 35-годишнината на СДСМ, сакам да се вратиме не само на нашата историја, туку и на нашата мерка. На реченицата на Киро Глигоров: ‘Македонија е сѐ што имаме’. Во таа реченицa има повеќе државна мудрост отколку во многу врева што сме ја слушале во изминатите децении и што се уште ја слушаме и денес. Во таа мудрост, e нaшата иднина. Затоа, вечерва да не си ветуваме лесни победи. Да си ветиме тешка политичка и демократска борба и  чесност. Да си ветиме правда. Да си ветиме правични даноци. Да си ветиме држава што не се плаши од вистината. Да си ветиме политика достојна за Македонија“, изјави Филипче.

Тој истакна дека СДСМ ја прави меритократијата, почитта кон работникот и способноста да се слушне човекот што не аплаудира автоматски.

„Ние сме партија што е поблиску до граѓанинот отколку до власта. И само така поразите се лекции, инаку и победите ќе бидат само одложени порази“, рече Филипче.

На завршницата на свеченоста, 5 минути пред крајот, се појави и поранешниот лидер на партијата Зоран Заев, откако веќе завршија сите говори и музичкиот дел од програмата. Тоа е прво јавно појавување на поранешниот премиер по подолг период.

Беше пречекан со аплауз од присутните, а дел од присутните го прегрнуваа и се фотографираа со него. „Извинете на доцнење сега, ама морав таму на промоција на тој филмот“, рече Заев пред насобраните сопартијци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ