Стафа е осуден затоа што примил поткуп од неговиот клиент Љупчо Пецов – Ѓаволот, наводно наменет за судијата Ѓоко Ристов, со цел да му биде укинат притворот на Пецов додека бил во бегство.
Судот ја објави спогодбата од којашто може да се заклучи дека Стафа признал дека од сестрата на Ѓаволот барал 100.000 евра, а добил вкупно 50.000 евра. На 6 декември минатата година прво зел 30.000 евра, а во декември зел 20 илјади евра.
„На 06.10.2025 година примил дел од побараниот износ и тоа 30.000 евра, кој по насоки на лицето Љ. П., кој не бил во нашата држава му ги предала на обвинетиот неговата сестра, сведокот А. М., а остатокот од парите било договорено да се предаде потоа и на 13.12.2025 година директно побарал и примил уште 20.000 евра како дел од поткупот кој го барал за да му го даде на судијата, како половина од вкупниот износ, па според ветеното по завршување на таквата интервенција да се предадат и останатите 50.000 евра до постигнување на вкупно побараниот износ од 100.000 евра, кога неспорно по примањето на паричните средства е затекнат од полициски службеници со истите„, пишува во спогодбата.
Стафа е осуден на затворска казна за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.
Поранешниот правобранител призна вина уште во април кога се оценуваше обвинителниот акт, а по обвинението за него, Ѓаволот кој е осомничен за даночно затајување, се врати во Македонија и се предаде, но заврши во куќен притвор.
Неколку недели по апсењето на Стафа, истражителите во домот на родителите на судијата Ристов во Неготино пронајдоа 350.000 евра скриени зад плочка во ѕид во кујната и беше обвинет за друго кривично дело поврзано со овој случај. Парите кои му биле давани на Стафа не стигнаа до Ристов, а со првата одлука на Апелација на Ѓаволот не му бил укинат притворот. Ристов беше разрешен и заврши во домашен притвор.






