„Оваа иницијатива се заснова на уставната можност предвидена во член 130 од Уставот, според која предлог за измена на Уставот може да поднесат најмалку 30 пратеници. Затоа, почнувајќи од денес, упатуваме повик до сите пратеници во Собранието на Република Македонија, и од парламентарното мнозинство и од опозицијата, вклучително и пратениците од Алијансата за Албанците, независните пратеници, како и претставниците на сите политички партии кои ја гледаат иднината на државата во Европската Унија, а особено пратениците од Вреди, да ја дадат својата поддршка со потпишување на оваа иницијатива.
Ова не е прашање поврзано со партиски интереси или политички калкулации. Ова е суштинско прашање за стратешката ориентација на државата и за иднината на нашите граѓани“, упатуваат повик од Европскиот фронт.
Според „Фронтот“, Република Македонија изгубила две години во целосна блокада на евроинтегративниот процес, без никаков напредок.
„Ова е моментот за клучниот чекор кој ќе го деблокира процесот и ќе овозможи реално продолжување на преговорите со Европската Унија. Не можеме повеќе да се криеме зад привремени изговори. Регионот напредува. Црна Гора се наоѓа во напредна фаза на преговорите, додека Албанија ги има отворено сите преговарачки кластери. Во меѓувреме, Македонија ризикува да остане зад нив поради недостиг на политички одлуки и државничка одговорност.
Последните истражувања јасно покажуваат дека над 70 проценти од граѓаните го поддржуваат членството на државата во Европската Унија. Ова е јасен доказ дека стратешката ориентација на нашите граѓани е непоколеблива. Европа не е само заедница на држави, туку семејство кое гарантира права, еднаквост и перспектива за иднината.
Затоа, прашањето денес не е дали граѓаните се за Европа. Прашањето е дали пратениците се подготвени да дејствуваат за оваа цел“, се вели во соопштението на Ецропскиот фронт.
Од оваа коалиција, предводена од ДУИ, порачуваат дека почнувајќи од денес, секој пратеник има можност јасно да се определи: за деблокирање на процесот или за продолжување на блокадата; за европскиот пат или за изолација; за иднината на државата или за тесни партиски калкулации.
„Посебно упатуваме повик до пратениците од Вреди да ја дадат својата поддршка со потпишување на оваа иницијатива, со што ќе ги материјализираат ветувањата дадени пред граѓаните за продолжување на евроинтегративниот процес. Пред изборите, нивните лидери се обврзаа со личен потпис во заедничка изјава дека нема да бидат дел од влада која нема да го продолжи евроинтегративниот процес.
По влегувањето во Владата, побараа шест месеци време. Потоа поминаа уште шест месеци. Денес поминаа четири вакви временски циклуси и сè уште нема ниту еден конкретен чекор што покажува вистинска посветеност за деблокирање на евроинтегративниот процес. Ова ја прави неопходна трансформацијата на дадените ветувања во конкретни институционални дејствија.
Денес не се бараат изјави и оправдувања. Се бара конкретна акција. Потписот е политички акт, одговорност и доказ за доверливост пред граѓаните“, се наведува во соопштението.
Понатаму, од Европскиот фронт констатираат дека со ваков блокиран статус, не се загрозува само евроинтегративниот процес, туку се загрозуваат и стратешката стабилност на државата и темелите врз кои е изградена, вклучително и Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство.
„Овие не се документи од минатото, туку основа на стабилноста и евроатлантската перспектива на државата. Во исто време, имаме обврска како држава и како политички претставници да ја оправдаме довербата што ни е дадена од нашите стратешки партнери, вклучително и Соединетите Американски Држави и Европската Унија. Оваа доверба бара конкретни одлуки, политичка одговорност и навремено дејствување.
Ние, како пратеници од Европскиот фронт, сме подготвени да го направиме нашиот чекор. Сега е ред на сите други пратеници кои веруваат во европската иднина на државата.
Ги повикуваме сите: ставете го вашиот потпис, деблокирајте го процесот и овозможете ѝ на државата да оди напред“, се наведуца во иницијативата на Европскиот фронт.






