Според Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2020 година што ја објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) 80-те општини и Градот Скопје склучиле 3.454 договори за јавни набавки со 1.164 фирми. Притоа зголемување на вредноста на набавките е регистрирана кај Градот Скопје и 20 општини, додека кај 61 општина имало намалување. Најголем вредносен скок во однос на претходната година има кај Градот Скопје, од 10,3 милиони евра, Општина Гостивар од 5 милиони евра и Аеродром од 2,7 милиони евра. Најголеми падови во вредноста на набавките има кај Општина Липково за 2,8 милиони евра, Тетово за 2,4 милиони евра и Штип и Прилеп по околу два милиони евра.
Лидерската позиција и натаму ја држи Град Скопје со вкупна вредност на тендерите од 31 милион евра – што е една четвртина од вредноста на набавките на сите општини заедно. Половина од вкупно потрошените пари на општините за јавни набавки ги потрошиле Градот Скопје и седум други општини, а само Град Скопје и 10-те скопски општини заедно трошат дури 45 % од сите пари за јавни набавки на општините. По жител, и годинава апсолутен лидер е Новаци која за јавни набавки троши дури 401 евро по жител, наспроти Шуто Оризари која троши само 7 евра по жител. Просечно, по жител, се трошат по 56 евра.
Гледано на ниво на единиците на локалната самоуправа вредноста на јавните набавки бележи раст кај Градот Скопје и 20 општини, додека пак намалување е евидентирано кај 61 општина.
Најголеми скокови во вредноста на јавните набавки во однос на претходната година се забележани кај Градот Скопје, од 10,3 милиони евра, кај Општина Гостивар од 5 милиони евра и кај скопски Аеродром за 2,7 милиони евра. Најголеми падови, пак, во вредносен износ се забележани кај Општина Липково за 2,8 милиони евра, Тетово за 2,4 милиони евра и Штип и Прилеп по околу два милиони евра.

Во релативна смисла најголеми скокови и падови во вредноста на јавните набавки во 2020 година во однос на претходната година се забележани кај помалите општини. Притоа, со најголем процентуален скок се општините Арачиново и Сопиште чии набавки во 2020 пораснале за повеќе од 16 пати, додека пак со најголеми падови во вредноста на тендерите се Центар Жупа и Липково за по 83 %.
Покрај Градот Скопје кој и натаму е на лидерската позиција според вредноста на јавните набавки, само уште четири други општини успеаја да го задржат своето место меѓу десетте единици на локална самоуправа со најголема вредност на јавните набавки. Во оваа листа останаа Аеродром, Битола, Кавадарци и Тетово, а отпаднаа Прилеп, Куманово, Струмица, Липково и Штип. Нови општини што влегоа во топ 10-те се Гостивар, Центар, Кисела Вода, Гази Баба и Струга.
Градот Скопје склучил договори за јавни набавки во вредност од 31 милион евра – што е една четвртина од вредноста на јавните набавки на сите општини заедно. Или само Градот Скопје за јавни набавки троши колку 59 општина заедно. Оваа лидерска позиција, Град Скопје ја зацврсти со дополнително зголемување на вредноста на набавките за повеќе од 10 милиони евра во 2020 година. Втора според вредноста на набавките во 2020 година е Општина Гостивар со 7,5 милиони евра, додека со 5,6 милиони евра на третото место е скопски Аеродром. Од скопските општини, уште други три општини, покрај Градот Скопје и Аеродром, се во првите десет според вредноста на јавните набавки. Тоа се Центар, Кисела Вода и Гази Баба.
На дното на табелата, односно општини со најмала вредност на јавните набавки се неколку мали општини. Последна е Центар Жупа која е единствена општина со набавки под 100.000 евра. Покрај неа, со ниски износи на набавки се Вевчани, Ранковце, Градско, Зрновци, Сопиште и Конче.
Според анализата, продолжува трендот на исклучително големи разлики меѓу единиците на локалната самоуправа кога станува збор за вредноста на јавните набавки ставена во однос на бројот на жители.
И годинава апсолутен лидер е Општина Новаци која за јавни набавки троши дури 401 евро по жител, наспроти Шуто Оризари која за јавни набавки има да потроши само 7 евра по жител. Просечно, по жител, се трошат по 56 евра. Притоа, само 29 општини трошат за јавни набавки повеќе пари од овој просек, додека останатите 52 трошат помалку пари од просекот на земјата.
Покрај Новаци, која со 401 евро е недостижна на врвот, со јавни набавки поголеми по 100 евра на жител се и Илинден, Карбинци, Македонска Каменица, Зелениково, Чучер-Сандево и Кавадарци, како единствена од поголемите општини која троши повеќе од 100 евра набавки по жител.
Гледано во однос на буџетите на единиците на локалната самоуправа произлегува дека просечно на јавни набавки во 2020 се потрошени само 17% од буџетите на општините и на Градот Скопје, што е намалување во однос на претходната година, кога овој процент изнесуваше 21%, што значи дека скромен дел од буџетските пари се инвестирани во стоки, добра и услуги кои можеле да придонесат кон подобрување на условите за живот на граѓаните. На ниво на општини, уделот на јавните набавки во нивните буџети се движи од само 4% во Шуто Оризари до 43% во Гостивар.
Во 2020 година локалните власти склучиле вкупно 3.454 договори за јавни набавки со 1.164 фирми што е за 5,6% помалку од бројот на фирми со кои биле склучени договорите во 2019 година.
Листата од првите 10 фирми со најголема вредност на тендери кај општините во 2020 година ја предводи градежната компанија Гранит од Скопје, по што следуваат енергетската компанија Енерџи Деливери Солушнс ЕДС од Скопје и градежната Пелагонија од Гостивар, а само две фирми кои и во 2019 година биле меѓу првите десет, успеале да останат на таа листа и во 2020 година. Тоа се тогашниот лидер Ју-Бај од село Бојане, кој во 2020 година, пак, падна на четвртата позиција и вицешампионот од 2019 година – Пуцко Петрол кој според вредноста на локалните тендери, во 2020 година е на 6-тата позиција.
Во однос на бројот на склучените договори, и во 2020 година апсолутен лидер е кочанската фирма Рики-Јуниор со 82 договори, дури 15 повеќе од претходната 2019 година. На второ место со по 39 договори се Пуцко Петрол и АД Осигурителна полиса, а на трето место е Македонски Телеком со 41 договор.
Најголемиот договор за јавна набавка склучен од страна на единиците за локална самоуправа е на Градот Скопје со градежната компанија Гранит од Скопје во вредност од 6 милиони евра за втората фаза од изградбата на булеварот АСНОМ во скопски Аеродром. Втор по вредност е исто така тендер на Град Скопје, од 2,6 милиони евра, со фирмата Ју-Бај од скопското село Бојане за реконструкција на булеварот Никола Карев. Третиот според вредност тендер на локално ниво е на Општина Гостивар во вредност од 2,3 милиони евра со тетовската фирма Аќуа-Инженеринг за изградба на фекална и атмосферска канализација во општината.
Трошоците на единиците на локалната самоуправа поврзани со кризата со КОВИД-19 вкупно изнесуваат 10 милиони и 578 илјади евра. Буџетски трошоци поврзани со кризата во 2020 година имале 73 општини и Градот Скопје, од вкупно 81 единица на локалната самоуправа. Овој износ претставува само 1,4 % од вкупните буџети на општините во кризната 2020 година.
Но, и оваа вкупна бројка на потрошени пари од општинските буџети за заштита од ковид-19 од 10,5 милиони евра не ја дава вистинската слика за потрошените пари на општините за заштита од ковид-19, затоа што дури 10 од овие 10,5 милиони, односно 94 % од сите буџетски трошоци на општините во врска со короната се направени од Град Скопје. Тоа значи дека останатите 73 општини заедно потрошиле само 600 илјади евра што е помалку и од еден промил од нивните буџети.
Најголем дел од овие средства, пак, се потрошиле за набавка на заштитни маски, ракавици, средства за дезинфекција и за одржување на јавни површини.
Покрај Скопје, единствена друга општина со поголем износ на потрошени буџетски средства за заштита од короната е Куманово со околу 100 илјади евра. Следни, со суми од околу 50 илјади евра се Кисела Вода, Центар, Битола и Велес.






