На брифингот за новинарите за актуелните реакции во јавноста и најавите за протест во однос на оданочувањето на доходот остварен во странство, од УЈП велат дека имаат обврска да информираат и едуцираат, да обезбедат електронски системи за исполнување на обврските, да вршат контрола на пријавените и непријавените обврски и да спроведат наплата.
Контролата може да се врши во рок од 5 години (релативен рок), до 10 години (апсолутен рок).
Физичките лица имаат обврска да пријават доход преку е-ППД (електронска пресметка) и годишна даночна пријава – потврда или коригирање. Ова важи и за доход од странство. Рокот за пополнување на пријавите е 30 април, со можност да се потврди или корегира до 31 мај.
Oд УЈП велат дека до 2024 година податоците не биле системски обработувани, а од таа година почна анализата на достапните податоци, прочистување и вкрстување.
За забелешките за наводно двојно оданочување, од УЈП велат дека ако постои доказ дека данокот е платен во странство, нема дополнително оданочување во Македонија. УЈП досега преку МНР побарала проверка за 257 лица во странство.
Засега УЈП не презема присилни наплати туку работи на информирање, средби и поддршка.
„Истакнуваме дека не станува збор за нова обврска, ниту за ретроактивно воведување на данок, туку за примена на постојни законски одредби кои важат повеќе години. Обврската за пријавување на доход од странство постои континуирано. Она што се менува е начинот на обработка и користење на податоците кои ги добиваме од банките, кои сега системски се анализираат и вкрстуваат. Во изминатиот период не постоела системска обработка на овие податоци добиени од банките, кои иако биле законски доставувани, не биле искористени за целите на оданочување. Ова е реалност, која денес ја коригираме. Како одговорна институција, имаме обврска податоците што ги добиваме да ги ставиме во функција на правично и законито оданочување.
Според податоците на банките, во 2025 година 70.869 граѓани примиле приливи од странство во вкупен износ од 577 милиони евра. Секако дека не сите овие приливи се оданочиви. До сега се испратени 9.522 известувања, а 4.459 лица доброволно поднеле пресметки за остварен оданочив доход.
Како одговорна инстутуција, пристапот што го применувме не е репресивен, туку постепен. Не започнавме со казни или присилна наплата. Прво испративме известувања, организиравме средби и дадовме можност за доброволно усогласување. Ова е пристап што го сметаме за фер и одговорен. Во однос на честите реакции во јавноста, напоменувме дека не може да има двојно оданочување, доколку се се спроведе пропишана процедура и се достави доказ дека данокот е платен во странство, согласно законот и меѓународните договори.
Во однос на студентите кои работеле во странство, нивни реакции се појавија по достава на известувањата за приливи во странсво во 2025 година, при тековниот процес на оданочување кој ќе се заокружи со генерирање на годишните даночни пријави за 2025 година до крајот на овој месец и нивното потврдување од граѓаните до 31 мај. По добивање на реакциите, според податоците од банките УЈП селектираше 134 млади лица родени после 2000 година со кои се организирани директни средби за појаснување на обврските и можностите за плаќање. Воедно, одржавме состанок со преставници од Универзитетскиот сенат, разговаравме за можноста за плаќање на рати, обуки, информирање и сл.
Свесни сме дека дел од граѓаните денес се соочуваат со обврски кои не ги планирале, поради недоволна информираност и поради неспроведени процеси во УЈП во минатото. Затоа пристапуваме со разбирање и поддршка, но и со јасна обврска да го примениме законот.
Не станува збор за воведување оданочување на посебни категории граѓани, туку за примена на закон кој важи за сите граѓани. Законот предвидува можност и обврска на УЈП за проверка на пријавените даноци во законски рок. Нашиот пристап не е репресивен, прво информираме и даваме можност за доброволно усогласување. Целта не е наплата на данок по секоја цена, туку обезбедување еднаков третман за сите и градење правичен даночен систем.
УЈП не воведува нови правила, туку одговорни ги применува постојните закони. Ќе продолжиме со транспарентност, поддршка и отворена комуникација со медиумите и јавноста“, соопшти Управата за јавни приходи.






