Како дел од делегацијата на Народната банка на овие средби ќе учествуваат и вицегувернерите Ана Митреска и Фадил Бајрами.
Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на ММФ и СБ, како и со претставници на други меѓународни финансиски организации и институции.
„За време на средбите делегацијата ќе одржи состаноци со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор Жероен Клик и заменик-извршниот директор Марникс ван Рај. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе се разговара за тековните економски состојби во земјата, за спроведувањето на монетарната политика и за мерките што придонесуваат за постепена стабилизација на инфлацијата, како и за одржувањето на макроекономската стабилност “, велат од Народната банка.
Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерот, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната соработка. Исто така, делегацијата ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата, каде што ќе се разговара за предизвиците со кои се соочуваат членките во контекст на тековните светски финансиски и геополитички движења, како и на тркалезната маса за спроведувањето на клонот на системот за инстант-плаќање ТИПС (TIPS), развиен со поддршка на Европската централна банка.
Предвидени се средби и со претставници на Светската банка, заменик-претседателката на Светската банка, Антонела Басани, и со регионалната директорка за Западен Балкан при Светската банка, Шјијаочјинг Ју.
Како што истакнуваат од Народната банка, пролетните средби претставуваат еден од најзначајните светски економски форуми на кој секоја година на едно место се собираат носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки. Тие годинава ќе разговараат за влијанието на геополитичките случувања врз економијата, економската стабилност и економскиот раст, инфлацијата и монетарните политики, како и за дигитализацијата на финансискиот сектор.






