Во нашата национална економија лани 16 компании направиле приходи повисоки од 100 милиони евра. Меѓу нив седум друштва се изразити извозници, а другите се генерално или целосно ориентирани на домашниот пазар. На листата на најголемите 16 има три од бројните странски гринфилд инвестиции, објави порталот Фактор.
Кај сите три е евидентно намалување на приходите што е резултат на намалените нарачки предизвикани од корона кризата. На листата има две државни фирми и четири кои се мнозински поседувани од домашни акционери. Убедливо најголема компанија која е стационирана во земјава, а работи за извоз е производителот на автомобилски катализатори (меѓу другото) „Џонсон Мети” која лани имала приход од 1,75 милијарди евра. Најмалиот на листата на најголемите е кавадаречкиот металски гигант ИГМ-Трејд кој лани имал приход од 108,7 милиони евра.
Интересно е тоа што најпрофитабилна меѓу овие компании не е „Џонсон Мети” туку државната компанија која ги собира патарините, Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) кое има профит од 74,7 милиони евра.







