вторник, 12 мај 2026
Сериозни забелшки и неповолно мислење

ДЗР со шокантни наоди за Основен суд Куманово: хаос во архивата, нерешени предмети, недостиг од судии, незаконски објект и пропусти во исплати

Државниот завод за ревизија во конечниот извештај за работењето на Основниот суд Куманово за 2024 година изрази неповолно мислење за финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста со законите и прописите.

Објавено на

часот

Сподели

Ревизорите констатирале низа неправилности во работењето на Основен суд Куманово, меѓу кои нецелосен попис на средствата и обврските, несоодветно чување на судската архива, како и проблеми со евиденцијата и контролата на движниот имот на судот.

Во извештајот се наведува дека пописните листи за опремата не содржеле вредносни показатели, не било извршено усогласување на сметководствената со фактичката состојба, а кај обврските постари од 90 дена не бил утврден правниот основ ниту причините за нивно неисплаќање.

Ревизијата утврдила и сериозни недостатоци во чувањето на движниот имот кој бил изнесен за време на реновирањето на судот во 2018 и 2019 година. Дел од инвентарот и информатичката опрема биле сместени во магацин кај приватно правно лице без записник за бројот и видот на средствата. При увид било констатирано дека предметите се расфрлани, демолирани и без инвентарни броеви, а просториите каде што се чуваат не биле обезбедени со видео надзор ниту биле заклучени.

Според ревизорите, ваквата состојба создава ризик од оштетување, губење или неовластено отуѓување на имотот, како и неможност да се утврди точната состојба и вредност на средствата.

Во извештајот се посочува и за пожарот што избувнал во подрумските простории на судот во 2023 година, при што дел од архивираните предмети биле оштетени. Ревизорите утврдиле дека архивата се чува во несоодветни услови и не е заштитена од влага и пожар, а дел од предметите биле фрлени на депонија без претходно да се утврди степенот на оштетување и рокот за нивно чување.

Дополнително, ревизијата утврдила дека судот нема донесено Правилник за организација на работните места, а во текот на 2024 година немал ниту назначено одговорен сметководител, што според ревизорите влијае врз контролата и законското користење на буџетските средства.

Од Државниот завод за ревизија препорачуваат раководството на судот да преземе мерки за законско спроведување на пописот, соодветно архивирање и заштита на предметите, како и регулирање на условите за чување и расходување на движниот имот.

Ревизорите утврдиле и дека уште во 2022 година Судскиот буџетски совет одобрил 1,2 милиони денари за набавка на опрема за архивата на Основен суд Куманово, но средствата останале неискористени. Според извештајот, ваквата состојба дополнително го зголемува ризикот од трајно уништување на архивски материјал и документи со неограничен рок на чување.

Државниот завод за ревизија констатирал и дека судот нема донесено Правилник за организација на работните места, што не е во согласност со Законот за судска служба и Законот за судовите. Според ревизорите, нејасната организациска поставеност може да влијае врз ефикасноста на работењето, распределбата на одговорностите и транспарентноста на судската управа.

Дополнително, во текот на 2024 година во судот немало назначено одговорен сметководител, а завршните сметки биле потпишувани од вработен на работно место самостоен судски референт – сметководител-книговодител. Ревизорите оцениле дека ова влијае врз контролата на законското и наменското користење на буџетските средства. Сепак, наведуваат дека во 2025 година веќе бил назначен одговорен сметководител, поради што за овој дел не е дадена препорака.

Ревизорскиот извештај покажува и дека во Основен суд Куманово во 2024 година е зголемен бројот на нерешени предмети, иако бројот на новопримени предмети бил помал во однос на претходната година. Како причина за ова, одговорните лица во судот го навеле намалениот број на судии.

Според ревизијата, согласно одлука на Судскиот совет, во судот се предвидени 34 судиски места, вклучително и претседателот на судот, но на крајот на 2024 година биле пополнети само 18. Во извештајот се наведува дека во текот на 2025 година бројот на судии се зголемил на 22, по што бил намален и процентот на нерешени предмети, а процентот на решени предмети достигнал 89 отсто.

Ревизорите ја истакнуваат и состојбата со деловните простории на судот, односно третиот кат на зградата каде се сместени Основно јавно обвинителство Куманово, Државно правобранителство Куманово и ЈП Водостопанство.

При увидот било утврдено дека за приземјето, првиот и вториот кат постои имотен лист и тие се евидентирани во сметководствената документација, но за третиот кат нема имотен лист бидејќи станува збор за бесправно изграден објект. Ревизијата наведува дека не била доставена целосна документација за легализација, иако уште во 2011 година било поднесено барање за утврдување правен статус на објектот, а во 2017 година бил изработен и геодетски елаборат за легализација.

До денот на ревизијата, како што се наведува во извештајот, нема одговор по поднесеното барање за утврдување на статусот на објектот.

Во ревизорскиот извештај за Основен суд Куманово се посочуваат и системски слабости во управувањето со судската служба и внатрешната контрола.

Ревизорите наведуваат дека иако Законот за судска служба предвидува задолжително годишно оценување на судските службеници и судската полиција, во пракса постојат законски и подзаконски недоречености. Министерството за правда донело обрасци за оценување на судските службеници, но не и за судската полиција, а не е предвидено ниту оценување на судскиот администратор, иако тоа е предвидено со закон.

Во извештајот се нотира и дека недоволно јасно е регулиран начинот на пресметување на платите за техничкиот и помошниот персонал во судовите, што создава различна практика во исплатата на платите.

Ревизорите укажуваат и на хроничен недостиг на финансиски средства за судската власт. Според анализата, за 2024 година биле одобрени 2,6 милијарди денари, што е за 63 проценти помалку од законски утврдениот лимит и изнесува само 0,3 проценти од БДП. Дополнително, и покрај законската забрана за намалување на буџетот на судската власт со ребаланс, во 2024 година биле кратени над 42 милиони денари.

Како дополнителен проблем се наведува и недостигот од кадар во финансиското работење на судот. Од четири предвидени работни места во одделението за материјално-финансиско работење биле пополнети само две, а местото раководител не било пополнето поради законски услов за положен правосуден испит.

Ревизијата утврдила и сериозни слабости во системот на внатрешни контроли. Не бил донесен акт за прием и проверка на финансиската документација, не биле назначени лица за ex-ante и ex-post контрола, а едно исто лице било задолжено и за персонална евиденција и за пресметка и контрола на платите.

Дополнително, од седум предвидени раководни работни места во судската служба било пополнето само едно, што според ревизорите доведува до отежнато функционирање и некоординираност меѓу службите во судот.

Во конечниот извештај се наведува дека раководството на судот било запознаено со сите наоди на завршниот состанок одржан во ноември 2025 година, но не доставило забелешки на нацрт-извештајот на ревизорите.

Исплатени 584 илјади денари без комплетна документација

Државен завод за ревизија извршил ревизија на финансиското работење на Основен суд Куманово за 2024 година на сметката на основен буџет (631), при што е изразено мислење со резерва за усогласеноста со законите и прописите.

Иако ревизорите оцениле дека финансиските извештаи објективно ја прикажуваат финансиската состојба на судот, бил утврден пропуст при реализација на договор за набавка, монтажа, демонтажа и сервисирање на котли за топловодно греење.

Според ревизорскиот извештај, за извршените работи биле исплатени 584 илјади денари, но економскиот оператор доставил фактура без работни налози како поткрепувачка документација за потврда на извршените работи од двете договорни страни.

Ревизорите оценуваат дека ова не е во согласност со Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници, според кој внесувањето на податоци во деловните книги мора да се заснова на веродостојни и уредни документи.

Во извештајот се наведува дека ваквата состојба создава ризик од нецелосно и ненавремено извршување на договорените работи од страна на економските оператори.

Ревизијата препорачува раководството на судот да преземе мерки за целокупната финансиска документација да биде поткрепена со соодветни и веродостојни документи. Во извештајот е наведено дека раководството на судот било запознаено со наодите на ревизијата, но не доставило забелешки на нацрт-извештајот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ