понеделник, 6 јули 2026

ДУИ: МЕПСО да објасни зошто активирало банкарска гаранција, а потоа ѝ доделило договор од 19,3 милиони евра на истата компанија

Демократската унија за интеграција (ДУИ) ја обвини државната компанија МЕПСО за, како што наведува, контрадикторно и сомнително постапување при доделувањето на договор за енергетско поврзување со Албанија, вреден 19,3 милиони евра.

Објавено на

часот

Сподели

Во партиското соопштение се посочува дека, според објавените информации, МЕПСО минатата година ја активирало банкарската гаранција на хрватската компанија Далековод, која работела на далноводот Скопје–Велес, а во меѓувреме на истата компанија ѝ бил доверен нов, значително поголем стратешки проект.

Од ДУИ бараат МЕПСО и директорот Бурим Латифи јавно да ги објаснат причините за активирањето на банкарската гаранција, како и зошто, и покрај тоа, компанијата повторно добила доверба за реализација на проектот за енергетско поврзување со Албанија.

Партијата оценува дека постои ризик проектот да не биде реализиран навреме и предупредува дека ваквите одлуки испраќаат лоша порака до јавноста и инвеститорите. Според ДУИ, националните интереси и енергетската стабилност не смеат да бидат ставени во втор план.

Во соопштението се наведува и дека новиот договор бил потпишан со конзорциум во кој, според ДУИ, има компании за кои постојат индиции за поврзаност со структури блиски до Милорад Додик и Александар Вучиќ. Партијата потсетува и на претходното раскинување на договорот со компанијата Енергоинвест, која, како што тврди, покренала постапки пред меѓународни судови, поради што државата би можела да се соочи со исплата на милионски отштети.

ДУИ ги повика Државната комисија за спречување на корупцијата, Јавното обвинителство и Министерството за енергетика да спроведат независна ревизија на одлуките на МЕПСО, да ги испитаат постапките за избор на изведувач и да ги објават сите релевантни информации поврзани со договорот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ