„Во разговори со амбасадори, во разговори со претставници од ЕУ, со луѓе што се упатени во условите овде, затоа што не секаде ги знаат домашните услови во Македонија, постојано ни се потенцира дека нашиот клучен проблем е што ние немаме единствен став за прашањето за уставните измени и ја посочуваат опозицијата постојано, која едноставно смета поинаку – дека со усвојување на уставните измени нам ќе ни бидат ширум отворени портите на Европа. Така што, тоа останува клучно прашање, кое нам ни прави проблеми во Европа. И за тоа апелираме постојано, но гледаме дека од другата страна не сакаат тоа да го прифатат. Веројатно, одработувајќи, или да ги спасат своите кариери на некој начин во таа партија или можеби во некое полудо сценарио за некакви интереси на Софија, во што не би сакал да верувам. Но, познавајќи го односот кон ова прашање на ова раководство на СДСМ, јас знам дека најголем дел од членството на поддржувачите на СДСМ не го сметаат тоа. Таа партија беше и државотворна, таа партија имаше, и денеска има, политички прваци, кои сметаат поинаку. Но се доведовме во ситуација по Заев и тоа што го потпишаа… се работи за два договори, и за преспанскиот, меѓутоа и за овој со Република Бугарија, договорот за добрососедство, каде што дозволија идентитетски прашања да бидат, фактички, основа за наше напредување кон европски, евро-атлантски интеграции“, потенцира Димитровски за МИА.
Според него, тешко дека ќе се постигне национален консензус и оти неколку високи претставници од Европа посочиле дека е разумно нашата држава да бара дополнителни гаранции во контекст на нашето евроинтегрирање.
„Би сакал овие понуди што сега ги има и ќе ги има од ЕУ да значат некаков тип шанса и за опозицијата, но и некаков тип на признание. Затоа што имавме неколку личности од Европа, меѓу другото, и господинот Кошта тоа го кажа среде Софија, но и неколку министри од странство, потоа господинот Пленковиќ кажа исто во едно интервју, дека е разумно Македонија да бара дополнителни гаранции во контекст на нашето евроинтегрирање, дека не треба да имаме никаква пречка. И останува, едноставно, тоа да го прифати македонската опозиција. Не може цела Европа да вели ‘да, вие сте во право, на ваша страна сме, направете ги уставните измени и ќе ви помогнеме’ и така натаму, во контекст на билатералните прашања, а единствено македонската опозиција да вели: ‘Нема никаков друг проблем, освен уставните измени’. Мислам дека е тоа апсурдно и очекувам да ја увидат својата грешка и во иднина навистина да изградиме еден национален политички консензус… Ако имате што посилна позиција дома, вашите позиции и надвор ќе бидат посилни. И во секој случај, и Софија ќе разбере… Вака Софија нема причина да направи никаква отстапка“, вели Димитровски.
Според него, всушност и не се работи за отстапки, туку за почитување на основните човекови права – од пресудите од Стразбур за регистрирање македонски здруженија, до тоа, како што вели, дека навистина не можеме со прашања од средниот век, па и од 19 век, „да спречувате една земја да напредува во евроинтегративниот пат сакајќи притоа да го смените нејзиниот идентитет, историски идентитет“.
„Приказната што СДСМ ја шири – ‘никој нас не може да ни го смени идентитетот’ – па, да, Бугарија не вели дека не сака тоа што сега се изјаснуваме како Македонци, тоа никој не може да ни го направи, но велат ‘сакаме да интервенираме во вашата историја, во вашите учебници, во вашите споменици, во сè што е некакво историско наследство на револуционерната македонска организација’. Да не зборуваме дека веќе ние прифативме со првиот протокол за цар Самуил оти иако тоа не е научна теза дека е бугарски цар, ние тоа го прифативме. Јас не се сомневам дека утре која било власт на СДСМ ќе почне да ги прифаќа ултиматумите од Софија, знаеме како функционира Историската комисија, само и само за да рече дека, еве, одиме напред кон Европската Унија и ги исполнуваме бугарските ултиматуми“, посочува Димитровски.






