Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов синоќа на вонредната прес-конференција изјави дека пожарот се ширеше по непристапен терен, а граѓаните од повисоките зони можеа да ги видат огнените јазици, како се доближуваат над градот Штип, поточно над населбата Кадидаре.
„Заради силниот ветер и непристапниот терен зафати одредени ридови, кои што се веднаш до неколку населби во Штип. Веднаш екипите на ТППЕ заедно со членовите на доброволното противпожарно друштво излегоа на терен со целокупаната логистика, ресурси, механизација на јавните претпријатија за да го локализираат овој пожар, кој заради непристаноста на теренот се шири“, изјави Јорданов.

Тој истакна дека нема простор за паника, бидејќи на терен беа мобилизирани сите институции и доброволците. Нема повредени лица, ниту пак куќи беа во опасност од огнените јазици.
Зоран Младеновски, пожарникар доброволец од ДПД –Штип рече дека пожарот е под контрола. На терен беа 12 доброволци пожарникари, со свои теренски возила.






