„Со податокот што го даде Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) на состанокот, на кој бевме јас и гувернерот како претставници од Македонија со сите европски земји, беше многу јасно презентирано дека Македонија е трета земја по однос на износот што го издвојува од буџетот за мерки и по нас веќе сите други земји имаат многу помал процент. Тоа јасно кажува дека ние се грижиме за граѓаните. Состојбата ја следиме и во моменти кога има услови, се донеле одлуки да се врати стапката на ДДВ-то на 10 проценти, што не значи дека е конечна одлука. Ќе се разговара повторно, ќе се следат состојбите со цените и понатаму ќе се носат одлуки“, изјави Димитриеска-Кочоска на новинарско прашање по состанокот на Комитетот за јавни инвестиции.
Димитриеска-Кочоска, коментирајќи го најновиот извештајот на Светската банка, посочи дека државата и од ММФ и од СБ е поздравена во консолидирањето на буџетот.
„И на Запад веќе состојбите не се такви како што беа, гледате какви се случувањата оти се очекува, според некои проекции што ги имаат меѓународните финансиски институции, во следните 10-15 години, големи европски земји, околу десет, да банкротираат. Тоа значи дека нашите луѓе што живеат во Европа гледаат каква е состојбата, што не можеме да го кажеме за нас. Напротив, ние сме поздравени од страна и на Меѓународниот монетарен фонд и од Светската банка во однос на консолидирањето на буџетот, особено кога станува збор за примарниот буџетски дефицит затоа што, точно, кај нас големо оптоварување се каматните трошоци, меѓутоа особено кај примарниот буџетски дефицит се гледа консолидирањето. Тоа е она што нив ги интересира и ние како Влада она што го ветуваме го испорачуваме“, рече Димитриеска-Кочоска.
Во однос на тоа каква е состојбата со дефицитот, рече дека имаме 7,9 милијарди денари поголеми каматни трошоци во однос на минатата година, речиси 130 милиони евра, затоа што, потенцира, предвреме вративме дел од обврзницата што ја зел некој друг.
„Кога зборуваме за буџетот, имаме 200 проценти повисока реализација на капиталните расходи и 37 проценти поголема реализација на субвенциите. Тоа се одлуки на министрите, кои сметаат дека во првиот квартал треба да се исплатат обврските наместо во вториот или третиот. Тоа се планирани расходи, кои одлучуваат кога ќе се исплатат. Но тоа не значи дека до крајот на годината тие ќе добијат дополнителни пари на расходната страна затоа што нивните обврски ги сервисирале во првиот дел од годината“, рече Димитриеска-Кочоска.
До овој момент, посочи, сè што е планирано во буџетот како прилив, односно позајмување, го реализираме и нема одредени промени.
„Доколку се констатира дека се потребни дополнителни средства, тоа ќе биде направено со ребаланс во Собранието“, изјави министерката за финансии Димитриеска-Кочоска.
МИА






