Дуковски, во изјава за медиуми пред Основниот кривичен суд Скопје, повика да се остават институциите да донесат одлука врз основа на законот, а не врз начелото „око за око“, „заб за заб“.
„Сакам да имате предвид еден многу битен факт, се работи за човек којшто има 20 години. Категорично ја призна својата вина. Ова не е ни првата, ни последна сообраќајка во Република Македонија и тоа покажува дека таква млада личност, е личност со интегритет и дека и неговото семејство е со интегритет и имаше доблест и да признае, и да се носи со сите последици што ќе дојдат после неговото признание“, изјави Дуковски.
Посочи дека Васил од почетокот бил цел на оркестрирани напади и јавен линч.
„Се надевам дека конечно видовте дека сето она што беше објавувано дека Васил е убиец, наркоман, ѓавол, дека возел со 170, дека избегал, па не дошол три часа на лице место… дека сето тоа е нотарна лага. Ќе се согласите со мене, не знам дека видовте дека цело време во исказите на оштетените читаа од нивните мобилни телефони, што значи дека некој им ги подготвува тие говори, а така настапуваат од првиот ден“, изјави Дуковски.
Пресудата за случајот со прегазувањето на Фросина Кулакова ќе биде објавена на 13-ти месецов, откако на судењето што почна денеска во Основниот кривичен суд Скопје, обвинетиот Јованов призна вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за сообраќајката што се случи во јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
„Сите сме свесни дека обвинетиот Васил Јованов даде едно голо признание со намера да ја ублажат казната“, изјави адвокатот на семејството на загинатата Фросина Кулакова, Дарко Ал Блана, во изјава за медиуми по завршувањето на денешното рочиште во Основниот кривичен суд за сообраќајката од јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
Сите знаеме, посочи тој, на кој начин се случи настанот во кој загина младата Фросина и од таа причина ние побаравме да се изрече највисоката предвидена санкција, која законодавецот не случајно ја предвидел во законот.
„Доколку се изрече највисоката предвидена санкција тоа ќе биде единствената правда, задоволителна правда, за младиот изгубен живот на Фросина Кулакова, и исто така би било превенција за во иднина да не бидеме веќе сведоци на вакви немили настани и злодела“, изјави Ал Блана.
Мајката на Фросина, Камелија Кулакова, изрази надеж дека судот ќе покаже оти законите имаат душа и правдата има лице.
„Јас само се надевам после ова долго рочиште дека судот ќе покаже дека правдата има душа, дека законите имаат душа и правдата има лице, и дека животот на Фросинче нема да заврши во празнина. Се надевам дека ќе се изрече највисока казна“, изјави Кулакова.
Таткото на Фросина, Тодор Кулаков, во изјава за медиуми пред Основниот кривичен суд Скопје, рече дека тие како семејство се целосно исфрлени од овој случајов и дека законот е таков што родителите целосно се отфрлени и се само неми посматрачи.
„Дури и ако ти убијат дете, родителите во она што значи главен случај според ваквиот закон, воопшто не се дел од предметот и немаат право да учествуваат, ниту пак право на контрола, на било што, дури ниту на увид и зависат само од добрата волја на институциите. Да, јас јавно ќе се заблагодарам за сите коишто се дел од институциите и на нивната добра волја вклучително и добрата волја на судиите“, изјави Кулаков.
„Затоа е и оваа реакција дотолку поголема, бидејќи судот е место на правдата, а не да не убедуваат дека е голема разликата меѓу право и правда. Особено, ако ти убиле дете, а не смееш ништо и ниту можеш, според закон, да сториш и преземеш нешто. Ти не си дел од ова, ти си нем посматрач, никој и ништо. Само дете ти убиле“, изјави Кулаков.