На форумот ќе присуствува претседателот на Владата на Македонија, Христијан Мицкоски, придружуван од владина делегација составена од министри кои ги водат ресорите поврзани со економијата, енергетиката, транспортот и инфраструктурата.
Пријавувањето за учество е во тек. Сите заинтересирани компании можат да го пријават своето учество преку стопанските комори во Македонија. По потврдувањето на регистрацијата, компаниите ќе бидат вклучени во агендата за Б2Б средби и поврзани со турски компании од соодветни сектори согласно нивната дејност и деловни интереси.
Покрај институционалните претставници, на форумот се очекува учество на бројни македонски компании, додека регистрацијата останува отворена и за други заинтересирани компании да ја искористат можноста за директни средби со над 200 турски компании.
Од страна на Република Турција, домаќин на настанот е министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат, а организацијата се реализира од страна на Министерството за трговија на Република Турција и Одборот за надворешни економски односи на Турција (DEİK).
Во рамки на форумот ќе биде претставена и Мапата за инвестирање во Македонија, која ги идентификува приоритетните области со најголем потенцијал за инвестиции и развој во РСМ. Пред повеќе од 200 турски компании ќе бидат презентирани можностите за инвестирање во земјата, како и поволностите за инвестирање што ги нудат Технолошко-индустриските развојни зони.
Програмата на настанот е структурирана како еднодневен форум кој ќе вклучи официјални обраќања на високи институционални претставници од двете држави, две тематски панел-дискусии посветени на трговијата, енергетиката и инфраструктурата, како и организирани Б2Б средби помеѓу македонски и турски компании од различни сектори, вклучително услуги, трговија, инфраструктура и други индустрии.
Посебна вредност на форумот претставуваат директните деловни средби, кои ќе овозможат македонските компании да воспостават контакти со потенцијални партнери, инвеститори и клиенти од Турција, да ги претстават своите производи и услуги и да отворат нови можности за економска соработка.
Настанот е наменет особено за средни и големи компании кои имаат интерес да го прошират своето присуство на странски пазари, да воспостават нови деловни партнерства и да ги искористат потенцијалите што ги нуди економската соработка помеѓу Македонија и Турција.
Форумот се организира во рамки на проектот „Промоција на Мапа за инвестирање“, кој Владата на Македонија го спроведува со поддршка на УНДП, во рамки на програмата за имплементација на Националната развојна стратегија на Македонија 2024–2044 година.






