Од АСОМ велат дека со затворањето на легалните објекти ќе почне да царува криминалот и нелегалното обложување, што ќе претставува огромен ризик за граѓаните и играчите, нешто што веќе веќе се случило во Албанија.
Од финансиски аспект, велат од асоцијацијата, 10.000 луѓе директно вработени во индустријата ќе останат без работа, а уште 50.000 индиректно поврзани работни места ќе бидат загрозени. Повеќе од 800 деловни објекти под закуп ќе останат без закупци, а во буџетот ќе недостигаат над 280 милиони евра по различни основи.
„Целта на овој закон не е заштита на играчите и граѓаните, туку обезбедување монопол на власта во овој сектор. Ние, како приредувачи на игри на среќа, нема да го дозволиме тоа. Најавуваме масовни протести и целосно ќе ја изнесеме вистината пред јавноста. Жално е што ниту една институција не се обиде да организира јавна дебата, ниту се одважи да се соочи со нас и да ги слушне аргументите. Не е точна изјавата дека сме биле повикани или дека законот бил подготвуван низ широк консултативен процес. Напротив, законот е целосно изготвен без каква било консултација со нас“, категорични се од АСОМ.
Според нив, потребен е европски закон кој вистински ќе ги штити играчите, ќе го либерализира пазарот на онлајн обложување и ќе обезбеди соодветна заштита и едукација на играчите.
„За тоа сме подготвени да разговараме, а ваков закон сме понудиле повеќепати и во минатото. Во наш интерес, како асоцијација, е да имаме долгорочно и одржливо решение што ќе биде во интерес и на граѓаните и на индустријата. Тоа би требало да биде интерес и на институциите. Сè друго отвора сомнеж дека зад овој закон стојат политички интереси, за што нема да молчиме“, велат од АСОМ.






