„Пред една година ја презедов одговорноста да го водам Министерството за здравство. Не беше лесен период, ниту систем во кој проблемите можат да се решат преку ноќ. Здравството е еден од најсложените и најчувствителните системи во државата, систем во кој секоја слабост ја чувствува пациентот, секоја одлука има човечка тежина, а секое одложување значи изгубено време за некого кому му е потребна грижа“, истакнува Алиу.
Министерот нагласува дека изминатата година целта не била да се создаде впечаток дека сè е решено, напротив, се тргнало од вистината.
„Здравството има наследени слабости, недоволна организација, нерамномерна достапност на услуги, недостиг на кадар, застарена инфраструктура и систем кој премногу долго функционирал со хартија, фрагментирани податоци и недоволна предвидливост. Затоа целта ми беше да не ги прикриваме проблемите, туку да почнеме да ги решаваме системски“, појаснува Алиу.
Тој додава дека во изминатата година поставена е нова насока – здравствен систем што планира, мери, дигитализира и одговара.
„Започнавме процес на дигитална трансформација. Пациентот не треба да се движи со папки, извештаи и ЦД-а од една институција до друга. Податоците треба да го следат пациентот, а системот треба да му помага на лекарот да донесе побрза и побезбедна одлука“, додава Алиу, потсетувајќи дека биле воведени транспарентни листи на чекање, затоа што фер пристапот до здравствена услуга, како што подвлекува, е основа на довербата.
Зборувајќи за проектот со телемедицина во Дебер и Делчево, тој порачува дека специјалистичкото знаење мора да стигне поблиску до граѓаните, особено во регионите каде што пациентите најмногу го чувствуваат товарот на патувањето до Скопје.
„Паралелно работевме на инфраструктурата. Здравството не може да биде силно ако целата тежина е концентрирана во главниот град. Затоа регионализацијата е една од нашите најважни политики. Инвестициите во Штип, Тетово, Кичево, Струмица, Битола и другите здравствени центри, се начин – пациентите да добијат услуга поблиску до местото каде што живеат. Набавката на 100 нови амбулантни возила, реконструкциите на операционите сали и зајакнувањето на регионалните болници, се дел од истиот пристап кој води кон здравствен систем што е побрз, подостапен и порамномерно развиен“, потенцира министерот.
Тој вели дека посебно внимание е посветено и на здравствените работници.
„Ниту еден апарат, ниту една сала, ниту една дигитална платформа не вреди без луѓето што секој ден го носат системот, затоа се работи на подобро кадровско планирање, нови програми за специјализации и супспецијализации, зајакната практична обука и подобро вреднување на трудот. Здравствениот систем мора да ги задржи, мотивира и поддржи своите луѓе“, истакнува Алиу.
Осврнувајќи се на важните јавноздравствени политики, тој потсетува и на предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, кој е чекор кон поздрав јавен простор, заштита на децата, непушачите и вработените. Притоа нагласувајќи дека не станува збор за законско решение кое е против некого – туку за закон за здравјето на граѓаните.
„Работевме и на чувствителни теми, како што се онкологија, органодарителство, трансплантација, третман на дебелина кај децата, кризни протоколи. Теми кои бараат човечност, институционална одговорност и континуитет“, вели министерот.
Тој порачува дека здравството мора да биде систем што не реагира само кога ќе настане криза – туку систем што учи, се подготвува и превенира.
„По една година, мојата оценка е дека не сме на крајот на реформата. Ние сме во нејзината најважна фаза во која системот почнува да се поставува на нови основи. Имаме уште многу работа. Но, денес знаеме појасно каде одиме, а тоа е кон здравство што е дигитално поврзано, кадровски планирано, инфраструктурно зајакнато, регионално порамномерно и насочено кон пациентот. Здравството се развива со одлуки, со работа, со податоци, со луѓе и со лична одговорност“, заклучува Алиу.






