петок, 14 ноември 2025

Во македонскиот КИЦ во Загреб отворена изложбата „Арсовски-фотографи“ кои ги поврзаа Скопје и Загреб

Во македонскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб, Хрватска, вчера беше промовирана научната монографија „Во потрага по фотографите Арсовски“ и отворена изложбата „Арсовски – Фотографи“ посветена на претходно целосно непознатото, но исклучително вредно фотографско творештво на семејството Арсовски. од македонскиот КИЦ во Загреб велат дека изложбата и публикацијата отвораат ново поглавје во историјата на македонската и хрватската фотографија со кое што се надополнува значаен сегмент во историјата на македонската и хрватската фотографија.

Објавено на

часот

Сподели

Научната монографија „Во потрага по фотографите Арсовски“, чиј автор и уредник е д-р Ива Просоли, објавена во двојазично хрватско-македонско издание, содржи текстови од македонски и хрватски автори и истражувачи.

Монографијата и изложбата ја претставија авторките и кураторите како и директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска и директорот на Музејот за уметности и занаети Сањин Михелиќ кои ги потврдија заложбите за промоција на културните вредности, продлабочување на меѓународната соработка и културните врски меѓу Хрватска и Македонија, потенцирајќи дека во годината кога Музејот за уметности и занаети ја одбележува 145-годишнината од постоењето организирани се две заеднички значајни изложби кои што наредната година ќе бидат претставени во Музејот на град Скопје и во македонската Национална галерија.

„Поводот за истражување на фотографското семејство Арсовски беше покана од Дејан Кршиќ, кој, додека подготвуваше монографија за Михајло Арсовски, наиде на фотографии од семејното наследство“, нагласи д-р Ива Просоли, уредник и автор на изложбата и монографијата.

Преку истражување во архиви, музеи и приватни колекции, реконструиран е фотографскиот опус на семејството Арсовски, со голема уметничка вредност и исклучителен технички квалитет, опфаќајќи урбани сцени од старо Скопско, христијански споменици, обичаи, жетва, мода и општествени трендови и секојдневниот живот во македонскиот меѓувоен период. Денес, нивното дело претставува вреден документ за колективната меморија на еден простор и време.

Изложбата „Арсовски – Фотографи“ ќе биде отворена до 10 ноември 2025 година во македонскиот Културно – информативен центар во Загреб. Македонскиот Културно-информативен центар во Загреб овој проект го реализираше во соработка со Музејот на уметности и занаети, Загреб и Музејот на град во Скопјe.

Семејството фотографи Арсовски, од кое потекнува еден од најзначајните хрватски графички дизајнери Михајло Арсовски, работело во Скопјe две генерации, а потоа и во Загреб. Иако нивните студија, прво на браќата Арсиќ, а потоа на „Електрофот“, биле важни фотографски центри во Скопјe во периодот меѓу двете светски војни, делото на ова семејство не било познато ниту професионално третирано досега. Првиот познат фотограф во семејството бил Васил Поп-Арсов, фотограф и учител, кој отворил фотографско студио во центарот на Скопјe на почетокот на 20 век. Неговите синови, Константин (Коста) и Владимир, ја продолжиле семејната традиција, преземајќи го студиото на нивниот татко во 1926 година, а во средината на 1930-тите отвориле уште едно студио наречено Електрофот. По Втората светска војна, Коста и неговото семејство се преселиле во Загреб, каде што тој водел фотографско студио со исто име до 1957 година, додека Владимир заминал во Париз.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ