понеделник, 23 јуни 2025

„Стројникот“ –  нов роман на Јован Дамјановски

Во издание на книгоиздавателството „Панили“ објавен е романот „Стројникот“ – новата прозна книга на писателот Јован Дамајновски. 

Објавено на

часот

Сподели

Во ова впечатливо романескно остварување, како и во неговите досега издадени романи, се препознава стилот на Дамајновски да се проникне во современиот прозен текст, но во постојана потрага по свој оригинален израз. Дамјановски одбрал тежок и трнлив пат за истражување на вистината. Тој настојува да одговори на клучни прашања што се доживуваат како трагичност на човековата беспомошност да се направи нешто да се рационализира  за да се спречува или намали апсурдноста.

Романот „Стројникот“ во својата содржина има длабока социјална заднина. Тука е симболиката на егзистенционалниот немир. Со голем број ликови од романот, Дамјановски ги опишува стапиците, предизвиците, загатките, верувањата, неверувањата и сомнежите, но тој е упорен истражувач на траумите од настаните и животот, за моралниот лик на недозреани личности, но и пошироко во Европа каде неморалот се шири засилено. Нечесноста и кршењето на моралот станува тивка вода која длабоко длаби во речните корита во која се задушуваат моралните импулси. Посредниците, стројниците, се неморални типови кои се прилагодуваат според околностите во кои ќе се најдат.  

Всушност, во овој роман се зборува за оние кои низ животот се пробиваат со нечесни начини и средства. Моралниот лик на вакви злобни луѓе е некоја смолеста материја што не остава време за простување и промена. Во ова прозно остварување. Јован Дамјановски навлегува и во потсвеста за да бара поткрепа, како нејасен филм кој збунува и во јавето и во сонот. Тој се обидува и во соништа да ги анализира личностите и ликовите со нивната ментална хигиена.

Инаку, во современата македонска книжевност, Јован Дамјановски е присутен како романсиер и драмски автор. Со своите прозни загледувања во ова наше драматично време тој остава своја книжевна трага по најдлабоките духовни сфери на современиот човек. Со  досега објавените 18 романи тој пишува и за луѓето од дното на животот, а поголем број негови драми досега се изведени на театарските сцени. Добитник е на неколку награди и признанија.

 

Најновиот роман на Јован Дамјановски, „Стројникот“, достапен е во книжарниците на „Матица македонска“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ