Фестивалот почнува во 19 часот во МКЦ, а во склоп на првиот ден ќе има и изложба отворена за сите посетители, сочинета од делата на 16 ликовни уметници и графички дизајнери директно инспирирани од конкретна песна на секој од поетите што ќе настапат на фестивалот.
На втори септември, со почеток од 19 часот, ќе бидат преставени поетите од странство: Сергеј Тимофеев од Латвија, Марија Дејановиќ од Хрватска, Танос Гогос од Грција, Ким Симонсен и Вонбјошт Ванг од Фарските Острови, како и македонската поетеса Лидија Димковска. Освен читањето, ќе се емитуваат и неколку куси поетски филмови, дел од нив се наменски снимени и инспирирани од песни на поетите што ќе читаат на интернационалната вечер, авторство на Валентина Бактијаревиќ од Србија.
Последниот ден е резервиран за креативно пишување, преку „Зум“ платформата, во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје и Институтот за македонска култура. Работилницата ќе ја води Ким Симонсен од Универзитетот во Амстердам, кој вакви работилници одржал и на други универзитети, како што се Оксфорд и Станфорд.
Фестивалот ќе може да понуди околу една четвртина од првично планираната програма, која најпрво беше преполовена поради недобивањето поддршка од страна на Министерството за култура (во два наврата), а дополнително е скратена заради актуелната состојба со ковид во државата.
Дваесетина поети од регионот и од Европа изразија поддршка и го поздравија основањето на фестивалот со видеопораки и со песни.
Фестивалот е поддржан од Град Скопје, од Младинскиот културен центар ‒ Скопје, како и од винаријата „Стоби“.
Учесници поети: Павлина Атанасова, Биљана Стојановска, Лира Бојку , Ким Симонсен, Снежана Стојчевска, Диме Данов, Јулијана Величковска, Вонбјошт Ванг, Ива Дамјановски, Владимир Мартиновски, Лидија Димковска, Ана Голејшка Џикова, Ѓоко Здравески, Танос Гогос, Марија Дејановиќ и Сергеј Тимофеев.
Учесници ликовни уметници и графички дизајнери: Зоран Кардула, Ване Костуранов, Никола Пијанманов, Андреј Павлов, Воскресија Андреевска, Тони Попов, Марио Каев, Калин Маловски, Диме Данов, Александар Иванов, Наталија Лукомска, Филип Мартиновски, Ива Јованова, Владимир Лукаш, Емилија Мишева и Владимир Илиевски.






