„Мрежи“ е повик за размислување за улогата на дигиталната технологија во нашиот живот и покана за повторно поврзување со тоа што е навистина важно: личните односи, емпатијата, реалноста. Романот на македонски јазик го преведе Виолета Јагев.
„Мрежи“, низ очите на една тинејџерка, ни раскажува за дигиталниот свет што го одзема поголемиот дел од времето на младите, но и на возрасните луѓе. Приказна за една љубов и приказ на зависноста од социјалните медиуми и нивните потенцијални опасности.
Девојка со часови ги гледа прекрасните патувања, совршените тела и аутфитите што ги прикажуваат инфлуенсерите. И несреќна е бидејќи не може да води животот како од онлајн-светот во кој лајковите ја одредуваат среќата, а филтрите ја искривуваат реалноста. Во приказната се испреплетуваат судбините на неколку тинејџери, заробени во пајаковата мрежа на социјалните мрежи.

Романот е своевидно продолжение на „Невидлив“, кој од неодамна стана дел од дополнителната литература во средните училишта и во нашата држава. Во Шпанија и во други земји таа одамна е задолжителна или препорачана лектира во многу основни и средни училишта, бидејќи се користи како алатка за разговор за врсничкото насилство, емпатијата и менталното здравје. Според романот во 2024 година е снимена и мини-серија од 6 епизоди која е достапна на Disney+.
Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“ и на Министерствата за култура на Македонија. Романот е достапен во книжарниците и преку дистрибутивната мрежа на издавачот.
Елој Морено (1976) е шпански писател. Студирал компјутерски менаџмент и работел како информатичар. Поради големата љубов кон книжевноста својот прв роман го објавил самостојно и го продал во повеќе од 200.000 примероци. Подоцна објавува уште неколку романи, од кој најпознат е „Невидлив“ (2018), едно од најчитаните современи дела на шпански јазик. Морено е препознатлив по работилниците за креативно пишување и по активната комуникација со своите читатели. На 8 февруари 2025 година го соборил Гинисовиот рекорд за најмногу книги потпишани во рок од 12 часа – потпишал 11.088 примероци!
Виолета Јагев (1953) е дипломиран инженер технолог и преведувач од шпански јазик. Живеела во Перу 17 години, каде што завршила основно и средно образование како и првите две години на Факултетот за петрохемија. Дипломирала на Технолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дополнително се школувала и работела на компјутерска обработка на податоци. Со преведување се занимава од 1979 година и има повеќе од 50 книжевни преводи, пред сè од шпански јазик. Добитник е на наградата за превод „Ванѓа Чашуле“ во 2012 година, и на наградата „Кирил Пејчиновиќ“ за преведувачки опус во 2017 година на Советот на Меѓународната средба на книжевните преведувачи.





