Државната изборна комисија активно кампањира што повеќе лица да гласаат, а особено се истакнуваат рекламите наменети за помладата популација (на кои младите, ако воопшто ги виделе на телевизија или чуле на радио, најверојатно се смеат и ги прогласуваат за „кринџ“). Чуму рекламиве од државни пари? Сте виделе млад човек од „Генерацијата З“, оние што сега првпат треба да „го остварат своето уставно право на глас“ да гледа телевизија? Или, скраја да е, да слуша радио?!
Но, друго е темата. Постои силно, но нејасно чувство во јавноста: се чини дека со секој изборен циклус, гласачките места се сè попразни. Многумина се прашуваат дали демократскиот пламен во земјата згаснува. Само кратка анализа на излезноста на гласачите во Македонија, од осамостојувањето во 1991 година до денес, не само што може да го потврди ова, туку и да открие долгорочна и загрижувачка статистичка криза на легитимитетот.
Накратко: бројот на гласачи кои излегуваат на избори драматично опаѓа, а тој пад е најдлабок токму за клучните национални изјаснувања.
Ако бараме историски стандард за граѓанска мобилизација, тоа е референдумот за независност од 1991 година, кога на гласачките места излегоа 75,75% од граѓаните. Ова беше израз на егзистенцијално единство, кое служеше како основа на нашата државност. Меѓутоа, само 13 години подоцна, на референдумот за територијална организација во 2004 година, се случи драматичен колапс – излезноста падна на историски најниски 26,58%. Овој пад од 75% на 26% не е само случајна статистика. Референдумот во 2004 година формално пропадна, бидејќи не беше постигнат законскиот праг од 50%. Тоа беше пресвртна точка која покажа дека „стратешката неизлезност“ – бојкотот, може да биде поефикасна политичка алатка отколку активното гласање „против“. Овој преседан веројатно постави темел за една култура на пасивност. Тука не го ни спомнуваме референдумот од 2018 за промената на името на државата, чија излезност и резултат беа игнорирани од власта. Како да не постоел.
Трендот на опаѓање е најопасен кај претседателските избори, каде што вториот круг е валиден само ако излезноста достигне најмалку 40% од вкупниот број регистрирани гласачи. Нашата демократија постојано се трка со овој праг – во 2014 година, излезноста на вториот круг беше релативно висока (54,38%), но можеби само затоа што се одржа симултано со предвремените парламентарни избори, што дополнително ја стимулираше мобилизацијата. До 2019 година, кога изборите се одржаа одделно, излезноста во вториот круг падна на 46,65%. Ова беше загрижувачки блиску до потребниот праг, сигнализирајќи акутна институционална слабост и зголемувајќи го ризикот од повторување на целиот изборен процес.
Оваа нестабилност е директен одраз на генерализираната политичка апатија и недоверба во способноста на елитите да донесат суштински реформи.
Демобилизацијата не е ограничена само на високата национална политика. На локалните избори во 2021 година, излезноста во првиот круг изнесуваше само 49,23%. Ова претставува пад од 8,07 процентни поени во однос на претходниот циклус. Падот во излезноста за избори кои се однесуваат на најнепосредните прашања на граѓаните – одлуките кои се однесуваат на локалните проблеми, покажува дека разочарувањето се проширило и на локалната самоуправа. Граѓаните сè помалку веруваат дека локалните власти можат ефикасно да ги решаваат комуналните и развојни проблеми, што води до демотивација за гласање.
Но, постои и структурна причина што статистички го влошува секој пад на излезноста: избирачкиот список.
Од 1991 година до 2021 година, бројот на регистрирани гласачи порасна од околу 1,5 милиони на над 1,8 милиони, иако земјата истовремено се соочува со масовна емиграција. Познато е дека избирачкиот список е надуен од т.н. „фантомски гласачи“ – иселени или починати лица кои законски остануваат во јавниот регистар. Овој инфлаторен ефект вештачки го надувува именителот во формулата за излезност. Следствено, процентот на излезност изгледа полош отколку што е, а легитимитетот на избраните функционери е компромитиран бидејќи тие се избираат од сè помал дел од реалната, резидентна популација. Ова е критичен контекст што меѓународните набљудувачи постојано го потенцираат.
Интуицијата на јавноста недвосмислено може да се потврди преку статистиката: излезноста на гласачите во Македонија е во долгорочен опаѓачки тренд. Овој дегресивен тренд создава двоен проблем: квантитативен (избраните функционери добиваат сè помала поддршка) и структурен (надуениот список ја урива довербата во целиот изборен процес). Генералната апатија истовремено е резултат на длабоката недоверба на граѓаните во политичките елити и институциите, засилена од перцепцијата дека гласањето не е ефективна алатка за решавање на хроничните проблеми како корупцијата, загадувањето и социјалните потешкотии, а најмногу сиромаштијата.
За да се стабилизира демократскиот легитимитет, државата не смее да се потпира само на надеж. Потребни се итни структурни реформи, како што е асално и целосно прочистување на Избирачкиот список, преку усогласување со демографските реалности за да се врати кредибилитетот на процентите. Можеби треба да се преиспита и потребата за прагот од 40% кај претседателските избори и воопшто одењето во „втор круг“, односно правење полуфинале и финале од изборите, како на Евровизија – процес кој неретко овозможува голем број „независни“ кандидати-сателити и играчи на „големите“ да ги разводнуваат неутралните гласови за да може да се преговара, ценка и уценува во финалето, а да не зборуваме за буквалната цена која државата ја плаќа (вториот круг е практично уште еден изборен циклус кој ние го плаќаме, со уште една кампања пред него).
Сè додека политичкиот систем активно не ги реши овие структурни слабости, а кандидатите не понудат реални и остварливи проекти и активности, бројот на гласачи ќе продолжи да опаѓа, а демократијата во Македонија ќе остане на апарати.
Драган Симоновски










