сабота, 15 ноември 2025
Филип Клетников

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

11 Октомври: некогаш и сега!

Идејата за повторувањето на историјата не е нова: не е тука само славното „вечно враќање“ на Ниче, пред него – и тоа на многу попрецизен начин – за тоа говори и неговиот сонародник Штирнер: тој конкретно ќе ги идентификува христијанскиот монархо-феудализам, либерализмот и комунизмот како варијации на една иста парадигма – Општото, коешто секогаш го угнетува и на крај го анихилира поединецот кој сака да биде слободен.

А целосната анихлиција на поединецот е една од главните карактеристики на тоталитарните режими, нацизмот и комунизмот (оној од сталинистички ков). Секако, и либерализмот не е „цвеќе за мирисање“. Напротив! Либерализмот, во најдобар случај, е само предигра, „soft porn“, која му претходи на тоталитаризмот, дури, ако сакаме да бидеме порадикални (или штирнеровски прецизни), можеме да речеме дека либерал-капитализмот е тоталитаризам на „слободниот пазар“ кој никогаш не бил слободен, туку секогаш бил регулиран од сивите еминенции на капиталот: крупните претприемачи и банкари, берзански шпекуланти и финансиски технократи, кои преку контрола врз јавниот дискурс и неговата дисеминација (Чомски: „manufacturing consent“) и врз сите три (не)славни столба на државната власт: извршниот, судскиот и (особено) законодавниот (лобирање), осигуруваат дека Неговото Величество – Пазарот – останува да биде нивен слуга. Оваа основна социо-економска лекција, која современите економисти кои ја исповедаат религијата на „слободниот пазар“ тврдоглаво одбиваат да ја научат, впрочем до детали ја образложува и самиот „татко на слободниот пазар“  во „Богатството на нациите“, особено во третата книга!

Но, зошто овој увод? Во дваесетите и триесетите години од минатиот век, лажниот привид на западниот либерализам издиша. Денес се случува истото со неолиберализмот. Во дваесетите и триесетите години од минатиот век, Германија го правеше единственото нешто што секогаш знаела да го прави кога нејзините идеалистичко-метафизички илузии ќе издишат: се наоружувала до заби и тргала на исток, оттука познатата фраза „Drang nach Osten“. Впрочем, првиот нејзин продор на исток го спречиле токму Кирил и Методиј и тоа не со воени, туку со културно-политички средства; впрочем, ние, „постмодерните“ денес добро би требало да знаеме дека културата (за разлика од уметноста!) во својата основа е продолжена политика. И имено уште оттогаш, патот на тевтонскиот, и воопшто на западно-европскиот империјализам на исток е за навек затворен, и тоа – ова важно уште еднаш да се подвлече! – не со воен, туку со културен чин, чинот на идентитетско втемелување на словенската култура и цивилизација на светската историска сцена! Германија ќе пропадне уште еднаш во мразот на Чудското Езеро во 1242 година, големиот Наполеон, инаку слободар и буревесник, кој ќе ги разниша гнилите и лицемерни монархии на Европа, ќе ги искрши забите повторно од Русија, приказните за Првата и особено Втората Светска Војна веќе ги знаеме.

Денес се наоѓаме пред уште едно епско повторување на историјата, која, според критичарите на цивилизацијата, можеби навистина не е прогрес, туку регрес на човекот. Ги гледаме истите обрасци што ги гледавме во средновековната германска држава и во нацистичка Германија: неолиберализмот издишува на големо, неговите идеолошки шавови попукуваат отсекаде (патем, слично на тоа, и средновековна Европа во времето на подемот на тевтонскиот витешки ред – кој ќе заврши со неговото понижување во 1242 година – кое е и време на крстоносните војни е растресена од социо-економски потреси, а тогашниот „либерализам“, христијанството, е во длабока криза). Германија и Западот се наоружуваат до заби, оние малку тешко и крваво освоени придобивки на социјалната држава се разоруваат нагло пред новиот императив за вооружување и – за нов продор на Исток на западниот империјализам! Ксенофобијата, која Западна Европа никогаш не ја напуштила, сега станува само повидлива и поагресивна; визите и ограничувањата за оние од Бореловата „џунгла“ (кога сме веќе кај ксенофобијата!) повторно се враќаат…

Се сеќавам дека кога бев на школа за германски јазик во Бамберг,  професорот, што на шега – што сериозно рече, „знаете кога Германците мавтале на големо со своите знамиња, секогаш нешто тргнувало наопаку!“. Да ги оставиме знамињата – Германците, за прв пат по скоро едно столетие откако беа на работ да го пеплосаат светот (во што голем удел и одговорност  имаат и политиките на нивните тогашни непријатели, а добар дел од нив сегашни НАТО-сојузници), сега повторно мавтаат со оружје, со истите тие сојузници! Непријателот е идентификуван, можноста за несогласување (за спротивно мислење и помирување и да не зборуваме!) е социјално, политички (а некаде и легално) санкционирана, секој треба да се жртвува за неолибералната татковина ЕУ, која, види чудо, истовремено од дното на срцето (што го нема) ги презира оние кои сакаат да имаат своја татковина! Македонци, ви звучи ова познато од некаде?

И не само Македонци, сите вие кои макар малку од малку сакате да бидете слободни како личности – ви звучи ова познато од негде? Ѕвечкање со сабјите, тотали(тари)зација на дискурсот, аустеризација на масите и нивно редуцирање на инструмент, замена на стварноста со идеологија, на општеството со идеолошки конформизам кој е социјална валута за преживување во еден свет – западниот – кој со религиозна шизофренија се вкопува во ровови, кои веќе не се геополитички, туку и внатре-општествени („ticket-thinking”): „леви“ против „десни“, „прогресивци“ против „родољуби“, „(транс)родови“/„пробудени“ против „традиционалисти“. Зборот „фашизам“ во овој контекст ја изгуби целосно својата значенска кохерентност и секоја смисла, претворајќи се во означител со кој идеолошките екстремисти, сè повеќе закрвени меѓу себе, си играат опасен пинг-понг,  замавнувајќи со зборот „фашизам“ кон спротивниот табор! Меѓутоа, на еден бизарно-парадоксален начин, токму со тоа овој означител го потврдува своето стандардизирано значење:  тоталитарна, нивелирана состојба на постоење (и мислење), каде секоја можност за опход (а опходот, или општењето, секогаш вклучува негација и афирмација, согласување и несогласување, идентификација и дистанцирање) е збришана, а секој потенцијален чин на индивидуација, автентичност и спонтаност во рамките на групата е непростиво предавство.

Картите се поделени, коцкарската маса е поставена, а ние – поединците, ние –  народите, ние –  работниците и луѓето сме поделени како жетони помеѓу капиталократи и технократи кои се во тешка психоза, без никаков осет за стварноста. И за на крај, онака јонесковски, каква врска има сето ова со 11 Октомври? Секаква! Само што тогаш се спротивставивме, денес сме соучесници во сопственото понижување и уништување. Тогаш имавме волја за живот и постоење, денес чекаме некој да ни достави писмо дека сме официјално мртви, па да потпишеме. И се препотуваме – затоа што поштарот се загубил некаде меѓу Брисел и Букурешт, или се запил во некоја санстефанска кафеана со некој добар сосед!

Тогаш сите живеевме во еден свет што сѐ уште се осмелуваше да се надева и имаше (какво-такво) покритие за надеж, денес живееме во еден пост-пост-модерен, испостен свет, каде сè е конструкт, фикција, симулакрум, каде стварноста е заменета од наративи и дискурси, каде хистеријата на самооплодувачкиот Капитал експлодира, додека општествата, заедниците и поединците или се асимилираат („resistance is futile, you will be assimilated”) и се обидуваат да држат чекор со општото лицемерие за да преживеат (или како што тоа се вели во сировиот англо-саксонски капитализам: за да „успеат“!) или имплодираат, оние тивки, тажни умирачки, во кои Тургењев проникна во „Записите на ловецот“! Еден свет кој е едно големо садо-мазохистичко реално шоу, во кое ние, како вистински психосајбер-мазохисти на новото време уживаме во нашето страдање, немоќ и бесмисленоста на нашата егзистенција кои ја напојуваат садистичката машина на Капиталот која се оплодува и умножува самата себе, сè додека не го сотре целосно материјалното покритие (нас луѓето и планетата) врз кое опстојува.

Дотогаш, ќе нè лаже и држи во слепило со метафизика: дискурси и наративи без покритие во реалноста, теории скроени за сечиј интелектуален џеб, од „простата раја“ до академските елити кои ја презираат таа „проста раја“ (епистемолошки капитализам/консумеризам; патем, академската фела во САД се чуди зошто еден добар дел од работничката класа сè повеќе го поддржува укинувањето на финансирањето на универзитетите од негов џеб, а јас, пак, се чудам на нејзиното чудење!), дискурси, теории и наративи кои треба да ја заменат и покријат социјалната и материјалната стварност и да го спречат нејзиното менување во интерес на Човекот и Поединецот: „слободниот“ пазар на Адам Смит од залезот на меркантилистичката епоха се повторува, со неговите господари, тогашните крупни трговци и производители кои ги контролираат законите и ги држат работниците и народните маси во незнаење, бунило и меѓусебен антагонизам за да може да парадира голиот задник на царот како врвна мудрост и вредност која никој не смее ни да помисли да ја доведе во прашање.

Е, па, на здравје бричење!

 Филип Клетников

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Годишниот самит за климатски промени без оптимизам

КПК не се откажува и нема да се откаже од комунизмот

Ѓoрѓи Илиевски

Реформата во образовниот систем и улогата на МОН

Стефан Вељановски

Македонската трговија расте, но нејзините темели остануваат кревки

Ристо Цицонков

Нуклеарна фузија – револуција во енергетиката и пошироко

Рајко Пеколски

Флуидно решение!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ