Маск пред неколку дена остро го критикуваше предлог-законот на Трамп во Конгресот, кој дополнително ќе го зголеми јавниот долг на САД. Пред тоа, тој официјално ја напушти администрацијата на Трамп, каде што го водеше Одделот за ефикасност на владата (ДОГЕ), иако причината за неговото заминување не изгледаше како некој сериозен конфликт.
Судбината на владини договори на СпејсЕкс во вредност од околу 22 милијарди долари е во опасност, но исто така и неколку американски вселенски програми се соочуваат со промени во услови на ескалација на конфликтот меѓу милијардерот Илон Маск и американскиот претседател Доналд Трамп, предизвикан од несогласувањето околу законот за даночни стимулации што значително ќе ги зголеми владините трошоци.
Трамп се закани дека ќе ги раскине владините договори со компаниите во сопственост на Маск, кој одговори велејќи дека неговата вселенска компанија „веднаш ќе започне со деактивирање на своето вселенско летало Драгон“.
Капсулата Драгон на СпејЕкс е единственото американско летало способно да испраќа астронаути до и од Меѓународната вселенска станица. НАСА се потпира на вселенското летало од 2020 година според договор од 5 милијарди долари со СпејсЕкс, еден од многуте договори што ја направија вселенската компанија на Маск доминантен дел од американската вселенска програма.
Маск подоцна напиша дека се откажал од таа одлука.
НАСА не одговори веднаш на барањето за коментар.
Трамп денес во Овалната соба изрази изненадување и разочарување поради критиките на Маск, по што следеа остри твитови од Маск и расправија со Трамп.
Маск на платформата Икс напиша: „Без мене, Трамп ќе ги изгубеше изборите. Каква неблагодарност“. Трамп не остана рамнодушен, велејќи на својата платформа Трут соушл дека Маск „полудел“.