четврток, 14 мај 2026

Во Шпанија фатен најбараниот Британец (ВИДЕО)

Во Шпанија е уапсен Сајмон Датон (49), еден од најбараните британски бегалци. Полицијата на Манчестер го бара за враќање во затвор по кршење на судски налог за спречување на тешки кривични дела, објави британската Национална агенција за криминал.

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Датон претходно бил осуден поради учество во шверц на големи количества кокаин и перење пари. Британските медиуми објавија дека тој бил осуден на 14 години затвор во 2016 година, откако со години бил во бегство и откако бил уапсен во Грција во 2015 година.

Според шпанскиот весник Ел паис, Датон бил уапсен во покраината Аликанте истиот ден кога во Шпанија почнала нова меѓународна кампања за апсење на најбараните британски бегалци. Датон бил меѓу 12-те лица барани во таа кампања.

Неговото апсење е дел од поширока истрага за мрежа поврзана со трговија со дрога и фалсификување документи. Шпанските медиуми објавија дека истрагата почнала во ноември 2025 година, откако 16 килограми хашиш биле пронајдени во еден пакет наменет за Обединетото Кралство.

Покрај Датон во операцијата се уапсени уште три лица. Датон треба да биде изведен пред шпански суд, кој ќе одлучи за неговата екстрадиција во Британија.

Датон е од Болтон во пошироката област на Манчестер. Британските власти претходно го опишале како клучна фигура во мрежа за шверц на кокаин, а според постари извештаи на британските медиуми, тој планирал да го преплави Манчестер со кокаин увезен преку Шпанија.

Неговото име претходно се појавувало во операции на британските и шпанските власти кои се обидувале да ги најдат бегалците кои се кријат во Шпанија. Операцијата „Каптура“ почнала уште во 2006 година за да се лоцираат британски криминалци кои бегаат во Шпанија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ