петок, 24 април 2026

Во Германија поради состојбата во Авганистан бараат оставка на министерот за надворешни работи

Објавено на

часот

Сподели

„Лицата за кои сега зборуваме и онака по изборите на крајот на септември повеќе нема да бидат во игра за продолжување на функцијата. Во секој случај тоа се однесува на министерот за надворешни работи“, кажа претседателот на Христијанско-социјалната унија (СЦУ) и баварски премиер Маркус Седер. Тој начинот на кој се одвиваше германското повлекување од Авганистан го нарече „срамно“ и „катастрофа“.

Седер го критикуваше и фактот дека по падот на Кабул политичарите во Германија не биле информирани од одговорните во министерствата и тајните служби.

Оставка од министерот за надворешни работи Мас, но и на шефот на Германската разузнавачка служба (БНД) Бруно Кал, бара и најсилната опозициска партија во Бундестагот, Алтернатива за Германија (АфД).

„Сега е време да паѓаат глави. Дејствувањето на германската влада е чиста катастрофа“, кажа надворешнополитичкиот портпарол на АфД Армин Пол Хампел.

Тој смета дека при евакуацијата дошло до „целосно нефункционирање“ на сите одговорни.

„Владата не е во состојба ни да состави листа на оние на кои сакаат да им помогнат и да ги спасат од Авганистан“, кажа Хампел кој во деведесеттите беше дописник на јавниот сервис АРД од Авганистан.

Претседателот на опозициската Либерално-демократска партија (ФДП) Волфганг Кубицки побара формирање на парламентарна истражна комисија која по изборите би се бавела со пропустите во Авганистан.

Претседателот на пратеничката група на СПД Ролф Метцених кажа дека погрешната проценка на состојбата во Авганистан е вина на западната коалиција, а со тоа и на германската влада.

Тој истовремено апелираше до парламентарните партии оваа тема да не ја користат во предизборни цели.

„Иако некои одлуки од денешен аспект се погрешни, на никој не може да му се префрли дека не дејствувал со најдобри намери“, кажа Мецених.

Хеико Мас во понеделникот, по талибанската победа во Авганистан, изјави дека станува збор за „целосно погрешна проценка на состојбата“ во Авганистан, а БНД предвидуваше дека талибанците нема да го освојат Кабул пред средината на септември.

Германската канцеларка Ангела Меркел акцијата на евакуација на германските државјани и локален персонал на германската мисија денес ја нарече „многу комплицирана мисија“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ